Меѓународниот монетарен фонд предлага граѓаните и фирмите да плаќаат повисок данок на имот. Домашните експерти пак не се согласуваат. Станува збор за обврска што ја имаат сите сопственици на недвижен имот во државата. Парите завршуваат во општинската каса на чија територија се наоѓа имотот. Од Центарот за економски анализи посочуваат дека препораката на ММФ е паушална. Според нив, актуелното законско решение е добро. Тоа дозволува советот на секоја општина да одлучи колкава ќе биде стапката, но во границите од 0,1 до 0,2 проценти од пазарната вредност на имотот. Само осум од вкупно 80 општини ја имаат избрано горната граница.

„Не сите градоначалници се осудуваат да излезат пред советите, за советите да можат со одлука да ја зголемат даночната стапка. Ова укажува на фактот дека можеби голем дел од градоналаниците не можат да се пофалат со квалитетни услуги врз основа на кои тие имаат надлежности да ги даваат на граѓаните.“ – вели Марјан Николов, Центар за економски анализи

Според пресметките на Центарот за економски анализи, со зголемување на даночната стапка на 0,2 отсто општините би ја намалиле финансиската зависност од централната власт и до 10 процетни. Сепак, мора да се мисли и на економската состојба на населението.

„Во суштина имате богати граѓани коишто се богати со недвижен имот, а во суштина сиромашни од аспект на оние приходи коишто имаат економска важност и треба да ја обезбедат така да речеме простата репродукција.“ – вели Николов

Ова прашање е особено сензитивно во време кога до локалните избори има уште дваесетина дена. Од ЗЕЛС велат дека со официјален став ќе излезат откако за тоа на седница ќе разговараат градоналачниците. Министерството за финансии исто така се воздржува од суштински коментар.

„Промените во даночниот систем ќе бидат во согласност со владината програма. Во моментов правиме анализа на даночните реформи. Кога ќе имаме јасно изградена слика за состојбите и предлозите, јавноста ќе биде навремено известена и вклучена во процесот на градење на решенијата.“ – велат од Министерство за финансии

Во предизборната програма на СДСМ е предвидена можност за зголемување на стапката на данок на недвижен имот, но само доколку тој има пазарна вредност повисока од 400.000 евра.

Мирко Трајановски

Loading...

Shpërndaj me

Loading...