Повеќе од три месеци откако беше укината царината, двојно е намалена количината на увезени јонско-литиумски акумулатори, но за три пати е зголемена вредноста на нивниот увоз, покажуват статистичките податоци до кои дојде Алсат М. Иако оваа царина беше укината со алиби дека полски инвеститор е заинтересиран да гради фабрика за електрични автобуси и мопеди, инвеститорот сè уште го нема.

Но, само за еден месец од укинувањето на царината којашто изнесуваше 15%, државата изгубила над 26.234 евра. Тие пари се ќар за компаниите коишто и досега увезуваа јонско-литиумски батерии меѓу кои и компанијата „Брако“ од Велес која е во сопственост на вицепремиерот Анѓушев. Тој пак, неделава беше во посета на Полска. Денеска потврди дека се сретнал со евентуалните полски инвеститори, но конечна одлука за инвестицијата се уште немале.

„Имав разговори, се надевам дека ќе бидат успешни и дека ќе резултираат со градење на нова фабрика од автомобилската индустрија. Но јас ќе оставам тие да завршат и како што е редот инвеститорите сами да го соопштат датумот на почеток на инвестицијата“, изјави Кочо Анѓушев, вицепремиер во Владата

А, според податоците од Царината, од почетокот на годината заклучно со 20 февруари во земјава биле увезени вкупно 4.010 парчиња јонско-литиумски акумулатори. Тоа е двојно помалку споредено со увезените 9.405 парчиња во истиот период претходната година. Но, вредноста на бесцарински увезените акумулатори е скоро три пати повисока. Така, во јануари годинава вкупниот увоз на овие акумулатори изнесува околу 175.000 евра, додека во истиот месец лани тој изнесувал само 62.000 евра.

Од Министерството за економија пак, при укинувањето на царината тврдеа дека станува збор за усогласување со европското законодавство, каде давачката за увоз на вакви акумулатори е нула проценти. Но, од Министерството за финансии коешто тогаш имаше негативно мислење за укинувањето на царината, денеска молчеа. 

Александра Спасевска

Shpërndaj me