Парите од програмата за економски раст на Владата ќе стигнат до бизнисментите дури на почетокот на летото. Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев вели дека малите и компаниите кои почнуваат со работа ќе може да аплицираат кон крајот на месецот, додека големите фирми своите барања ќе ги доставуваат во април. Анѓушев ги повика пратениците да го изгласаат Законот за економски раст и инвестиции, но ако предложениот закон не добие поддршка поради Законот за јазици, владата има план Б.

„Ако се искомплицира, овој Закон може за годинава да помине како Програма на Влада, без да има проблем бидејќи парите во Буџетот се детектирани и јас со гаранција ви кажувам дека ќе се имплементира“, изјави Кочо Анѓушев – вицепремиер за економски прашања

Кој ќе добие парите ќе одлучува посебна комисија, по што сите кои ќе бидат одбрани ќе бидат јавно објавени. По жалбите ќе одлучуваат членови на кабинетите на премиерот Зоран Заев, како и на министрите без ресор и министрите за економија и вицепремиерот за економски прашања. Бизнисмените кои се членов на Сојузот на стопански комори велат дека со душа ги чекаат државните пари.

„Сите компании кои имаат намера да ги отпочнат своите инвестициски процеси за идно користење на средствата и во делот за Фондот за иновации или за компаниите кои успеале да направат успешни проекти иако беше година со предизвици ќе може да аплицираат за поврат на сопствената инвестиција“, вели Данела Арсовска – претседател на Сојуз на стопански комори

Според првичните проценки, државна помош ќе можат да добијат околу осум илјади домашни и странски компании.

Верица Павлоска

Shpërndaj me