Неефикасна, партизирана, подложна на политички притисок. Ова се најчестите епитети што ги добиваше јавната администрација во Македонија во последните години. Реформските процеси не се одвиваат со посакуваната брзина, критикуваше Европската комисија. Новата Влада, како и сите до сега, ветува ослободување на јавниот сектор од вазалството кон политичките елити.

“Сакаме да го ревидираме целосно начинот на оценување на вработените во јавната администрација и со тоа тие веќе никогаш да не бидат предмет на каков било политички притисок без разлика кој е на власт.” – вели Дамјан Манчевски, министер за информатичко општество и администрација

И според универзитетскиот професор Драган Гоцевски, најнеопходно е да се исполни ветувањето за целосно одвојување на државата од партијата, но оваа заложба не смее да биде само декларативна.

“Департизација на администрацијата подразбира не само тие што ВМРО ДПМНЕ во нивното 11-годишно владеење успеале да влијаат како да се вработат туку и самите да си ги повлечат рацете сега. Ако е департизација, нека биде доследно департизација.” – смета Драган Гоцевски, универзитетски професор

Премиерот Заев порача дека нема да има отпуштања во администрацијата. Пред неколку месеци ресорното министерство објави дека во јавниот сектор плата земаат речиси 130.000 лица. Министерот Манчевски се сомнева дека реалната бројка е поголема и најавува нејзино ревидирање.

“Преголем е бројот на вработени во јавната администрација, но ние како Влада се обврзавме на отворање нови работни места со достоинствена плата. На крајот на денот, кого и да отпуштите од работа пак треба да му најдете вработување во приватниот сектор. Вкупната бројка на невработени мора да ја намалиме и затоа се одлучивме на овој чекор за да покажеме дека кога веќе ја имаме оваа гломазна јавна администрација, можеме да ја реорганизираме и барем граѓаните да бидат задоволни од услугите што ги добиваат од администрацијата.” – вели Манчевски

Прашањето дали има малку или многу вработени не е црно-бело, објаснува Гоцевски. Вели, ако веќе мора да се крати, тоа нека биде по принципот на тројца заминати во пензија, еден нововработен.

“Сиромашна држава сме така што и со овој удел од 18,53 проценти во вкупната вработеност ние тешко се справуваме за тие луѓе да имаат доследни плати. Понатаму, кај нас се` уште јавниот сектор е тој што генерира што е просечна плата во Македонија. Тоа е уште една несакана состојба.” – посочи Гоцевски

Министерот Манчевски најави дека веќе се работи на распоредување на 1.700 лица кои земаат плата, а седат дома.

Мирко Трајановски

 

Loading...

Shpërndaj me