Сè уште нема целосно решение на проблемот со учениците Албанци од струшкото село Подгорци. И по шест години откако овие паралелки почнаа со работа проблем е тоа што статутот на Основното училиште Гоце Делчев  во Подгорци не предвидува настава на албански јазик. Досега не е донесена одлука за негова промена и за воведување двојазичност.

Поради ова некои од учениците од шестто до деветто одделение  патуваат до соседното село Лабуништа, а други до Велешта. Настава во Подгорци, но како дисперзирани паралелки од Велешта следат 18 деца од прво до петто одделение.

„Учениците од селото Подгорци од 2011 година до 2015 година беа под Основното училиште Мурат Лабуништи .Од учебната 2015-2016 година тие се ученици под Основното училиште Зини Хани во Велешта. Во нашето училиште моментално има само тројца ученици од Подгорци по предметна настава кои доаѓаат од Подгорци“, рече Мухамет Селмани-директор на „Мурат Лабуништи“, Лабуништа.

Од општина Струга велат дека барањето за учење на албански јазик во Подгорци било по иницијатива на самите родители.

„Не дека нема волја, туку Министерството за образование го спречува учењето на албански во Подгорци. Идеално решение би било таму да има настава од прво до деветто одделение во состав на тоа училиште, каде учениците би учеле и би добивале свидетелства во училиштето во Подгорци“, вели Сурија Рушити-раководител на сектор за образование општина Струга.

Пред речиси шест години општината Струга ги отвори овие паралелки откако за тоа согласност даде тогашниот совет на општината, но не добија согласност од Министерството. Учениците две години одеа на настава, но не добиваа свидетелства. Потоа проблемот делумно беше надминат со тоа што почнаа да добиваат свидетелства, но од основното училиште во соседното село Лабуништа.

Мики Трајковски

Loading...

Shpërndaj me