Претседателката на Врховниот Суд Лидија Неделкова јавно се замери со првиот човек на судскиот Совет Бранко Ушковски на тркалезна маса каде токму судиите и Советот дебатираа за заштита на судиите. Причината за забелешката беше протоколот според кој предност да говори пред Неделкова имаше министерот за правда Аднан Јашари. Според првата жена на највисокит суд, одлуката на Ушковски да му даде збор прво на Јашари е показател како судството стои со независноста.

-„Редоследот на обраќањето на денешната тркалезна маса е само рефлексија на релната состојба на темата Независност на судството. Сметам дека ова е ненамерна постапка но јас го спремив моето поздравно обраќање и секако ќе го прочитам пред Вас“, рече Лидија Неделкова- претседател на Врховен суд.

По обраќањето на Неделкова, од настанот си замина министерот за правда. Даде изјава за медиумите надвор од салата но не сакаше да возврати на ставот на Претседателката на Врховниот суд.

-„ Јас на оваа тркалезна маса си дојдов по покана на Претседателот на Судскиот совет и согласно тоа не би сакал да коментирам некоја изјава на некоја личност ете да речам и на Претседателка на Врховен суд“, рече Аднан Јашари- министер за правда.

Идејата на едно место да се соберат Јашари, Неделкова, претставниците на судскиот совет и десетици претседатели на судови беше во насока на зголемување на непристрасноста и независноста во судските одлуки.

Во почетните обраќања, заедничка констатација на говорниците беше дека има добра законска рамка и дека Македонија се обидува да ги следи меѓународните стандарди. Но кога новинарите го соочија претседателот на судскиот совет Ушковски со содржини од „бомбите“ за тоа како власта ги бирала судиите, тој ги нарече прислушувањата шпекулации.   

Новинар: -„Дали судскиот совет ја загрози независноста на судиите со местење на изборот на Претседател?“

Ушковски: -„Јас се извинувам … видете овдека се работи за шпекулации …“

Новинар: -„Па се слушна во бомбите?“
Ушковски:- „Значи јас немам намера да одговарам на вакви прашања меѓутоа се работи за шпекулации и навистина не е чесно да се поставуваат затоа што медиумите, јас се прашувам, дали медиумите на ист аспект постапуваат и кон самите себе .“

Иако не беше тема на дебатата, настанот донесе и неколку информации врзани со специјалната обвинителка. На новинарски прашања министерот Аднан Јашари кажа дека Катица Јанева во моментов е сместена во министерството за правда. Владата и понудила неколку локации каде би работел нејзиниот тим, но таа ги одбила. Јашари изјави и дека очекува случајот „Сопот“ да заврши кај Јанева бидејќи, согласно Законот, овој предмет го има во прислушуваните разговори. Изрази мислење и дека ако во „бомбите“ има индиции за политичко влијание во „Монструм“ тогаш и тој предмет би требало да оди кај специјалната обвинителка. 

Loading...

Shpërndaj me