Извршителите се лути на извештајот на Народниот правобранител во кој се наведува дека тие ги блокираат сметките на социјалните случаи и им ја земаат помошта што им ја дава државата. Првиот човек на Комората на извршители Зоран Петрески смета дека не е коректно по, како што вели, толку многу заеднички обуки, Народниот правобранител неоправдано да ги напаѓа.

„Не би сакал да бидам неприсотоен и да кажувам зборови кои што недоликуваат, но апсолутно, сметаката, блокирањето на сметката е законска обврска на извршителот без да го извести должникот. Блокирањето на сметката не подразбира дека ќе му ги земете сите пари на должникот. Доколку должникот дојде во канцеларијата и каже дека сретствата на таа сметка се од социјална помош, должникот ќе биде деблокиран и целиот износ ќе му биде вратен“, вели Зоран Петрески, претседател на Комора на извршители.

Исто така, ако должникот докаже дека средствата се од плата, тогаш ќе му биде задржана само една третина од парите, а другите ќе му бидат вратени. Ако веќе има блокада за третина од платата, извршителите се должни да го вратат целиот износ што го земале од должникот. Од Комората велат дека за да не доаѓаат астрономски сметки за наплата, должниците веднаш да се обратат кај извршителите.

„При првиот повик на извршителот или при првата информација дека одреден предметот е на извршување должникот требада се јави во извршителската канцеларија. Во тој момент ќе ги избегне големите трошоци“, додава Петрески.

Според податоците, со навремено јавување кај извршителот, трошоците се намалуваа за две третини во споредба ако се чека половина или цела година. Од Комората на извршители велат дека обемот на работа се повеќе им се намалува и затоа бараат намалување на бројот на извршители, бидејќи сегашниот низок тарифник не обезбедува услови за опстанок на 99 извршители.

Горан Теменугов

Shpërndaj me