Во раните утрински часови полицијата приведе десетина лица кај паркот во близина на хотелот Бристол во центарот на Скопје. Од групата наречена „паркобрани“ велат дека мирно протестирале за да ги заштитат зелените површини и не прекршиле ниеден закон. Тврдат дека за приведувањето на 11 лица била испратени 200 полицајци.

Еден од приведените е и советникот од општина Центар од редовите на СДСМ, Дарко Атанасовски.

„Такво однесување може да има само во една полициска држава и мислам дека веќе на сите во Република Македонија им е јасно дека имаме работа со еден тоталитарен режим“, реагираше градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски.

„Андреј Жерновски е човек кој со поддршка на СДСМ свесно креира конфликти поради креирање на сопствен имиџ во недостаток на конкретни проекти. Откако е градоначалник на Општина Центар, Жерновски нема сработено ништо. Граѓаните не видоа ниту едно од ветувањата, ниту еден конкретен проект од страна на Жерновски. Андреј Жерновски докажа дека е најнеспособен градоначалник во државата во овие 20 години“, пишува во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ.

Од МВР соопштуваат дека станува збор за редовни активности на полицијата за да се спречи узурпација на туѓ имот и да се создадат услови за сопственикот на имотот да ги реализира своите права согласно законот.

Групата наречена „паркобрани“ во знак на протест поради сечењето на дрвјата во паркот пред Бристол подолго време поставуваше шатори и се обидуваше да ја спречи изградбата на новата зграда на Советот за радиодифузија.

Валмир Куќи

Loading...

Shpërndaj me

Loading...