Промената на критериумите во законот за доделување  државна помош за компаниите во еден ваков краток период значи дека владата нема конкретна стратегија како да го поддржи бизнисот. Ова е ставот на бизнисмените од Стопанската комора на северозападна Македонија по одлуката Законот за финансиска поддршка на инвестициите да претрпи измени.

Извршниот директор на комората Дрилон Исени вели дека е добро тоа што се зголемува опфатот на фирми кои може да добијат дел од државните пари, но смета дека голем дел од компаниите остануваат надвор од игра.

„Ние сметаме дека државата треба да ги вклучи и микро, малите и средни претпријатија по моделот на Хрватска. Нема причина тие да може да аплицираат само за субвенции од третиот столб…“, рече Дрилон Исени, извршн директор на СКСЗМ.

На стопанствениците од ова бизнис здружение им е нејасно зошто со новиот закон се исклучува Комисијата за заштита на конкуренцијата. Проблематично за нив е тоа што повеќе нема да се бара мислење од  Комисијата за заштита на конкуренција, туку таа само ќе биде известена при доделување на државна субвенција, вели Исени.

„Комисијата за заштита на конкуренција е орган на државата кој треба да пресмета дали на одредена фирма при поддршка од страна на државата или од владата се става во поповолна позиција во споредба со другите компании во одредени сектори“, додава Исени.

Од комората на северозападна Македонија сметаат дека треба да се елиминира човечкиот фактор при одлучување за субвенциите и примена на законите. Инаку, измените на Законот за финансиска поддршка на компаниите предвидуваат и фирмите кои досега имале трговска дејност и сега се одлучиле да воведат и производство, сепак да може да аплицираат за  државната помош. Фирмите пак од текстилната индустрија ќе може да задоволат само еден од двата услови, да имаат зголемени годишни приходи или пак да не го намалуваат број на вработени.

Иле Петревски

Loading...

Shpërndaj me