Борбата против корупцијата во земјава нема опиплив напредок. Вака телото за борба против корупција на Советот на Европа – ГРЕКО ја оценува Македонија. Во нивниот најнов извештај стои дека од 19 препораки на Советот на Европа, имплементирани се само шест. Во фокусот на извештајот анализирана е можната корупција кај пратениците каде е констатирано дека ниту една препорака не е ни делумно имплементирана. Во извештајот се посочени и скандалите со Државната комисија за спречување на корупцијата.

„Кај  пратениците ниедна од препораките не е имплементирана, ниту делумно, освен кодексот за пратениците. Што се однесува во судиите и обвинителите се констатира дека земјата направи ограничен напредок.“

Од ГРЕКО посочуваат дека резултатите во Македонија се „очигледно разочарувачки“ и ги повикуваат властите да преземат конкретни мерки во однос на препораките дадени пред четири и пол години. Од „Илинденска број 2“ пак, добивме писмен одговор во кој стои дека наодите на сите релевантни меѓународни извештаи, без разлика за која област се однесуваат, Владата ги следи, анализира и презема соодветни чекори.

„Владата има нула толеранција за корупција и криминал, законите и правилата важат за сите подеднакво. Борбата против корупцијата и криминалот продолжува…“.

Инаку споменатите 19 препораки за борба против корупцијата Советот на Европа ù ги даде на земјава пред нешто повеќе од четири години. Овој извештај завршува со констатацијата дека од ГРЕКО се генерално незадоволни, но сега властите имаат време до 30ти јуни идната година посериозно да се фатат за работа кога ќе треба да се презентира и нов извештај за нивото на корупција во земјава. Инаку високиот степен на корупција беше наведен и во последниот извештај на Европската комисија за напредокот на земјава и е еден од главните предуслови за старт на пристапните преговори за членство во Европската Унија.

Иле Петревски

 

Shpërndaj me