„Титаник“ — британски прекуокеански патнички брод од класата „Олимпик“ сопственост на Вајт Стар Лајн, компанија која организирала редовен прекуокеански сообраќај помеѓу Велика Британија (обично од Саутхемптон) и САД (обично до Њујорк). Бил изграден во бродоградилиштето Харланд и Вулф.

Во времето кога бил изграден, бил најголемиот патнички брод. Бил изработен според најсовремените технологии и популарно се верувало дека е „непотоплив“. Палубите и просториите од првата класа на бродот биле особено луксузни и убаво уредени.

Изградбата на „Титаник“, спонзорирана од американецот Џ.П.Морган и неговата корпорација „Интернешнел Меркантајл Марин“, започнала на 31 март 1909 година, а завршила на 31 март следната година. Имал должина од 270 и широчина 28 метри. Го придвижувале 29 бојлери загревани од 159 печки на јаглен, кои овозможувале висока брзина од 23 јазли, односно од 43 километри на час.

Само три од четирите 19 метарски оџаци биле функционални, додека четвртиот бил додаден за вентилација и за поимпресивен впечаток за бродот. Титаник можел да носи вкупно 3.547 патници и екипаж.

Пробното патување на „Титаник“ започнало на 2 април, само неколку дена пред да замине на своето прво патување.

Првата дестинација на грандиозниот брод била линијата од Саутемптон, Англија, кон Њујорк, на 10 април 1912. Кормилото го имал капетанот Едвард Џ. Смит.

На своето прво патување „Титаник“ имал многу истакнати патници во првата класа. Меѓу нив биле и милионерот, Џон Џејкоб Астор и неговата жена, Мејделин Форс Астор, индустријалецот Бенџамин Гугенхејм, сопственикот на Мејси, Исидор Штраус и неговата жена Ида, денверските милионери Маргарет “Моли„ Браун, Сер Космо Даф Гордон и неговата жена, грофицата Луси и многу други.

На бродот биле и генералниот директор на „Вај Стар Лајн“, Џ. Брус Исмеј и дизајнерот на бродот, Томас Ендру, кој бил задолжен за надгледување доколку се појават некои проблеми и да ги процени карактеристиките на бродот.

Ноќта на 14 април 1912, температурата се спуштила до замрзнување и океанот бил мирен. Капетанот Смит, на дадено предупредување за санти мраз, незначително го променил курсот на „Титаник“ кон југ. Таа недела, во 13:45 часот, пораката од бродот „Америка“ ги предупредила дека пред нив поврторно има санти мраз, но Џек Филипс и Харолд Брајд, задолжени за радио врските, но платени само да примаат и пренесуваат пораки на патниците, не биле фокусирани за праќање на „не толку значајни“ пораки за санти до мостот.

Доцна вечерта, друго известувањата за многубројни санти мраз, овој пат од бродот „Месаба“, повторно не биле доставени до мостот. Во 23:40 часот, додека пловел околу 400 милји од Големиот брег на Њуфаундленд, стражарите Фредрик Флит и Реџиналд Ли здогледале голема санта мраз пред бродот. Флит го алармирал командниот мост извикувајки: „Санта мраз пред нас!“, но за „Титаник“ веќе било предоцна.

Останатото е позната историја – бродот потонал 2 часа по полноќ, носејќи многу животи во длабочините на темниот океан.

Shpërndaj me