Агенцијата за стокови резерви купи луксузна лимузина од 31 илјади евра. „Шкода Суперб Амбишн“ 2.0 ТДИ со силина на моторот од 150 коњски сили станува дел од возниот парк на оваа институција. Тендерот го доби кумановската фирма „Делукс – Ауто“ – за која медиумите веќе пишуваа дека се појавила на списокот донатори на владејачката СДСМ. Договорот бил склучен пред Нова Година, а денеска објавен на Бирото за јавни набавки.

Според јавните податоци на Бирото за јавни набавки, „Делукс – Ауто“ од Куманово била прилично активна во тендерските постапки на државните институции. На крајот од ланската година, како единствен понудувач го добила тендерот за набавка на автомобил за Основниот суд во Тетово. Продала возило во вредност од 19 илјади евра.

Во септември лани пак „Делукс – Ауто“ склучила договор и со Државниот инспекторат за животна средина. Оваа институција набавила теренско возило во вредност од 23 илјади евра. И во овој случај понудата на „Делукс – Ауто“ била единствена.

Сите документи за склучените договори се објавени на Бирото за јавни набавки.  Но и самото Биро за јавни набавки си набавило луксузен автомобил од кумановскиот авто-дилер. Шкода Суперб со погон на сите четири тркала и моќност од 190 коњски сили продала „Делукс – Ауто“ на Бирото за јавни набавки за 32 илјади евра. Според објавениот договор и во овој случај до оваа институција стигнала понуда само од кумановската фирма.

Според јавно достапните информации на Бирото за јавни набавки, лани „Делукс – Ауто“ скучила договори и со други институции – Централниот регистар, Македонски енергетски ресурси, Министерството за одбрана, како и со Јавното претпријатие за водоснабдување „Студенчица“ од Кичево.

Ако се соберат сумите од сите достапни договори од лани на Бирото за јавни набавки на кои кумановската фирма победила на државните тендери од институциите излегува дека „Делукс – Ауто“ од државата наплатила околу 454 илјади евра.

Во март лани новинарската Балканска истражувачка мрежа, БИРН, објави дека возила од „Делукс – Ауто“ набавило и МВР преку донацијата од еден милион евра од Република Чешка. Според БИРН, тогаш министерството без тендер, за еден милион евра купило 45 шкоди. Дополнително проверката на БИРН покажала дека кумановската фирма се наоѓа на списокот донатори на СДСМ, нешто што нејзиниот сопственик го негираше. Тој посочи дека единствено на СДСМ му дале попуст за сервисирање на возилата.

Бојан Стојановски

Loading...

Shpërndaj me