Претседателот на Собранието, Талат Џафери ја информираше Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања дека пратеникот Никола Груевски отсуствува од работа повеќе од шест месеци без оправдување. Со ова се исполнуваат условите Собранието да започне постапка за одземање на неговиот мандат. Првиот законодавец бара од матичната комисија да постапи согласно Деловникот. Првиот човек на комисијата, пратеникот Павле Богоевски, најави седница за следната недела.

„Во овој случај кога се работи за одземање на мандат, а не за притвор, немаме итна ситуација. Бидејќи треба да се соберат сите податоци и треба да се разгледаат изостаноците на пратеникот, седницата на комисијата планирам да ја свикам следните денови односно на почеток на следната недела“, рече Павле Богоевски, Претседател на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања.

Доколку комисијата изгласа да му се одземе пратеничкиот мандат на Груевски, за тоа Собранието ќе мора да расправа на првата наредна седница. За пратеник да остане без својот мандат, потребни се 80 гласови, односно две третини кои моментално парламентарното мнозинство ги нема. Осумте пратеници кои беа исклучени од ВМРО-ДПМНЕ и ги поддржаа уставните измени, засега не сакаат да се произнесат како би се поставиле по ова прашање.

Инаку, прашањето за одземање на мандатот на Груевски доаѓа откако тој избега од земјата веднаш штом беше осуден на затворска казна од две години во предметот на СЈО познат како „Тенк“ за набавка на луксузниот „Мерцедес“. Груевски моментално се наоѓа во Унгарија каде доби право на азил.

Адриан Керими

Loading...

Shpërndaj me



Loading...