Боки 13, Зоран Кичеец и Катица Јанева ќе седнат на обвинителна клупа. Кривичниот суд пресече – ќе им се суди за случајот „Рекет“. Обвинението на Вилма Рускоска е прифатено. Одлуката судот ја донел без присуство на адвокатите на седница зад затворени врати.

„Приговорите на осомничените се одбиваат како неосновани, а обвинителниот акт се одобрува во целост. Против ова решение, согласно одредбите до Законот за кривична постапка, не се дозволува право на жалба“, наведуваат од Кривичен.

Адвокатите на обвинетите за изнуда се изненадени од тоа колку брзо одлучил судот. Очекувале поради големиот интерес на јавноста за „Рекет“, Кривичен да го прифати предлогот и оценката на обвинението да биде отворено за љубопитните очи на јавноста.

„Не очекував дека толку брзо ќе биде одлучено. Во најмала рака очекував дека оценката на обвинението ќе биде на јавна седница. Подготвени сме за судењето, имаме стратегија како ќе се браниме, а имаме и листа на докази“, вели Дељо Кадиев, адвокат на Катица Јанева.

„За ваков случај да нема јавна седница ми е несфатливо. Јас барав јавна седница. Сега очекуваме да закажат судење, имаме докази и веќе е јасно дека не сме барале спогодба со Обвинителството за организиран криминал и корупција“, рече Александар Новаковски, Адвокат на Зоран Кичеец.

Сега обвинетите и адвокатите чекаат датум кога ќе започне судењето и кој судија ќе биде одбран да суди. Тој ќе биде определен преку електронскиот систем за распределба на предмети АКМИС. Во „Рекет“ обвинети се Бојан Јовановски, Катица Јанева и Зоран Милевски. Според обвинението на Рускоска, тие изнудиле 1,5 милиони евра од бизнисменот Орце Камчев, осомничен за перење пари во случајот на СЈО, „Империја“. Боки 13 рекетирал, Зоран Кичеец договарал средби, а Катица Јанева под влијание на Боки, имала задача да му ја олесни положбата на Камчев и да му овозможи, судот да му даде привремен пасош.

Поранешната шефица на СЈО, како награда добила како подарок мебел вреден 5 илјади евра и 50 илјади евра во кеш, за што обвинителството има и фотографија на Јанева покрај купче со девизи. Таа и Боки 13 се притворени во Шутка, додека Зоран Кичеец е во куќен притвор.

Бојан Стојановски

 

Loading...

Shpërndaj me

Loading...