Југохром не може да проработи ако не ги задоволи еколошките стандарди. Ова е ставот на вицепремиерот Кочо Анѓушев откако Алсат М објави документ кој покажува дека Владата минатата година планирала повторно активирање на комбинатот Југохром и без целосно да бидат поставени филтрите. Документот говори за средба од пред една година на претставниците на невладината организација од Тетово, „Еко-Герила“, со премиерот Заев и вицепремиерот Анѓушев. На неа, било побарано од Еко-Герила да потпише договор со кој организацијата би се согласила со ставот Југохром да биде реактивиран, а во меѓувреме да се работи на филтрите, но под услов паралелно да почне да работи со двете помали печки. На ова екологистите не се согласиле. Вицепремиерот тврди дека Југохром веќе ги поставува филтрите, а целиот процес треба да заврши до октормври-ноември годинава.

„Дали „Еко Герила“ или која било друга организација ќе дозволи или нема да дозволи некоја компанија да работи? Никој не може да биде над иснитуциите на системот. Институциите на државата се тие што дозволуваат или не дозволуваат некој да работи. Се разбира притоа водејќи се од позитивните законски прописи“, изјави Кочо Анѓушев, вицепремиер.

Вицепремиерот информираше дека компанијата согласно финансикиот план, мора да обезбеди уште  еден милион евра, а ако тоа го стори, Владата ќе ù помогне со кредит од дополнителни 1,5 милиони евра од Македонската банка за поддршка на развојот.

Инаку, изминатите недели невладината „Еко Герила“ тврдеше дека на нивна адреса во последно време пристигале и закани да молчат и да не реагираат за Југохром. Некои експерти пак, велат дека со планираните филтри во комбинатот ќе се филтрираат само честичките ПМ 10, но не и поситните честички познати со името ПМ 2,5 и чадот од оџаците.

Александра Спасевска

Shpërndaj me