Група од јапонски научници кои работат на конструкцијата на вселенскиот лифт, наскоро ќе го направат првото тестирање во вселената со минијатурна верзија, известуваат од Универзитетот во Шизоука.

Научниците се надеваат дека со помош на десет метарски долг кабел, поставен меѓу два помали сателита, успешно ќе придвижат минијатурен лифт со димензии 6 х 3 х 3 сантиметри. Ракетата Х-2Б, во вселената би требало да го пренесе потребниот материјал за овој тест. Нејзиното лансирање е закажано за 11ти овој месец од базата Танегашима на југот од архипелагот.

“Станува збор за прв ваков обид од светски рамки при што ќе настојуваме да тестираме движење на лифт во вселената“, вели портпаролот на Универзитетот за агенцијата АФП, додавајќи дека сето тоа ќе се одвива под надзор на камери поставени во сателитите.

Концептот за вселенскиот лифт, кој би се искачувал неколку илјади километри до вселенска станица сместена во геостационарната орбита со помош на цврсти кабли, датира уште од 19 век. Идејата ја осмислил советскиот космонаут Константин Цјолковски во 1895 година, кога ја видел Ајфеловата кула во Париз.

Скоро сто години подоцна, Артур Кларк, британски автор и пронаоѓач, еден од најпознатите писатели на научна фантастика, кој цврсто се држел до науката и нејзините реални достигнувања и хипотези, ја обнови идејата во книгата „Рајските фонтани“, објавена во 1978 година.

Но засега, овој сон поради технолошките бариери сè уште постои како теорија. Сепак, јапонска компанија на целата приказна гледа многу пооптимистички. Станува збор за компанијата „Обајаши“, која соработува со тим на научници од Шизуока. Нејзините работници работат на конструкција на свој лифт кој до 2050 година е замислено да транспортира туристи во вселената.

Од компанијата објаснуваат дека имаат на ум да постават цврста карбонска наноцевка, кабел со структура која е поцврста од челик за дваесет пати. Кабината на лифтот ќе биде управувана од огромна шипка, долга околу 96.000 километри, што е една четвртина од растојанието меѓу Земјата и Месечината.

Извор: енаука.мк

Loading...

Shpërndaj me

Loading...