Катица Јанева даде отчет за сработеното во првата половина од годинава. Шефицата на СЈО го презентираше извештајот за работата на нејзиниот тим пред Советот на обвинители. Јанева објасни дека членовите на ова тело биле задоволни од работата на СЈО. Не се интересирале конкретно за активни истраги. Јанева и Советот на обвинители заклучиле и дека мора во најбрз можен рок да се донесе законот за обвинителство со кој се решава и идниот статус на СЈО.

„Поразговаравме за извештајот, за предизвиците на СЈО, за новиот закон. Реално јас што можам да кажам, дека беа задоволни дека е многу исцрпен извештајот, многу со детали и дека не мора толку да навлегуваме во детали. Се договоривме за некои технички работи за новиот извештај. Во суштина беа задоволни, немаше некои посебни недоразбирања“, рече Јанева.

Јанева уште еднаш дообјасни дека прислушуваните разговори кои ги објавува кичевчанецот Шеќерим Ахмети кој на Фејсбук е познат како „Ел Чека“, не се во нивната архива. Јанева имаше интересен одговор на новинарско прашање дека се ре-објавуваат и стари „бомби“.

„Тие се јавно објавени, може да си ги презема од Ју Тјуб. Сега што да кажам за тие. Ајде поздрав…“, рече Јанева.

Шеќерим Ахмети „Ел Чека“ живее во Америка, а пред неколку недели почна да објавува прислушувани разговори на фејсбук. Најголем дел од „бомбите“ се однесуваат за ДУИ и најтесното партиско раководство. Паралелно, освен редовното обвинителство кое го истражува објавувањето нови „бомби“, истрага води и СЈО од каде запленија нелегално прислушувани разговори кај бизнисменот Љупчо Палевски и кај Захир Бекири  – Чауш.

Бојан Стојановски

Loading...

Shpërndaj me

Loading...