По 23 кола од домашниот фудбал, екипата на Шкендија уверливо води на табелата, со 16 бодови разлика пред второпласираниот Вардар, а се издвојува и со високата ефикасност на нападот. Двоецот Ферхан Хасани – Бесарт Ибраими се двајца фудбалери кои го предводат списокот на голгетери во домашниот фудбал.

Хасани предводи со 19 голови, а зад него е неговиот клупски колега Бесарт Ибраими со 16 голови. Доколку на нив им се додаде и Изаир Емини со шест голови, тогаш нападот на Шкендија е најефикасен во споредба со другите екипи во домашната фудбалска елита. На позитивниот резултат на тетовската екипа извонреден придонес дала и одбраната, која во 23 кола примила само 19 голови. По одбраната на Шкендија, следува онаа на Вардар со 22 примени голови, колку што има и Силекс.

На последниот натпревар, Шкендија на гости го порази Работнички со 2:0. Но, во текот на 90 минути, тетовската екипа успеа да има четворица капитени, бидејќи тренерот изврши три измени.

„Сето ова е случајност. Но, ние и пред натпреварот се консултиравме со стручниот штаб за тоа дали е момент за освежување на екипата, бидејќи не очекува и натпреварот од полуфиналето на Купот. Сепак, одлучивме да влеземе со најдобрата формација и резултатот на крајот ни ја даде можноста да ги одмориме играчите“, изјави Ќатип Османи, тренер на ФК Шкендија.

Поради повредата на Ферхан Хасани, капитенската трака на почетокот на средбата му припадна на Ардиан Цуцули, кој беше заменет во 69 минута, за да му ја предаде траката на Арменд Алими. Алими беше заменет три минути подоцна па така траката премина кај Ибраими до 79 минута, по што Емини го заврши натпреварот како капитен на тетовската екипа.

Махир Тачи

Shpërndaj me