Домашните компании со пари од Швајцарија ќе обучуваат кадри за работа во Македонија. Компаниите кои имаат потреба од работниици ќе можат добијат 10 илјади франци ако преку обуката вработат 25 лица. Но, како што расте трендот на иселување на работниците во странство, работодавачите велат дека немаат механизам како обучените работници да ги задржат во земјава. Иако ветуваат подобри услови, на овие работници сепак ќе им нудат просечни македонски плати за позиции кои во странство се до десет пати повеќе платени.

„Зависи на кое работно место, на пример келнерите се 18.000 денари, собариците се 19.000. Ние ќе бидеме среќни ако они се обучат. Видете, тоа е борба, ако 18 е малку, ние ќе дадеме 19“, рече Огњан Циговски, туристички работник.

Преку проектот „Фонд за можности“ во наредните четири години е предвидено да се вработат 2.200 лица, а поддршката од Швајцарија изнесува 12 милиони евра. Ќе бидат опфатени компании од седум сектори каде што има најголем недостиг на квалификувани работници. Меѓу нив се услугите, ИТ секторот, здравството, индустрија, земјоделството и преработувачката дејност Фирмите се жалат дека образованието не продуцира кадар кој му е потребен на бизнисот.

„Целта е да добиеме кадри коишто ќе бидат преквалификувани коишто ќе можеме и ние на овој начин да ги приклучиме и училиштата во едукација на луѓето“, изјави Бојана Димовска, Претставник на фирма за медицински помагала.

Обуката ќе трае три месеци, по што копанијата ќе има обврска во наредните три месеци да вработи половина од обучениот кадар. Инаку во моментов број еден дестинација за угостителските работници од Македонија е Хрватска. За сезонска работа платите на келнерите таму стигнуваат до 2.000 евра месечно со обезбедено сместување. Кај нас за истата работа се нуди плата од 300 до 400 евра. Освен во Хрватска, многу наши граѓани масовно заминуваат на сезонска работа во Малта, но и во Бугарија.

Александра Спасевска

Loading...

Shpërndaj me

Loading...