Претседателот Ѓорге Иванов, по повод 11 Октомври – Денот на народното востание, упати честитка до граѓаните на Република Македонија, во која вели дека вооруженото востание против фашистичкиот окупатор донесе слободата и остварувањето на сонот за формирање на македонска држава.

“…11 Октомври е повеќе од државен празник, тој е и отелотворување на идеалот за слобода и правда. На овој ден се слави пожртвуваноста и решителноста на македонскиот народ за слобода и за создавање на самостојна и независна држава. Тој идеал нè води и денес во остварувањето на подобра сегашност за денешните и подобра иднина за наредните генерации во Република Македонија.

Македонија секогаш била на страната на слободата и демократијата и со овие вредности нема правење компромиси.  Затоа обединети и сплотени,  да го продолжиме стремежот на борците од НОБ за просперитетна Република Македонија, приклучувајќи се како рамноправна држава во обединета Европа, Европа во која ќе нема мали и големи, позначајни и помалку вредни, Европа базирана на рамноправност, еднаквост и солидарност, Европа ‒ лулка на демократијата.

На овој голем празник, уште еднаш, да се потсетиме на заветот кој ни го оставија нашите предци, достојно и гордо да го чуваме ова парче земја бидејќи тоа е сè што имаме“, се вели во соопштението од претседателот Иванов.

Shpërndaj me