Заминал на училиште и никогаш повеќе не се вратил дома. Осумнаесет години семејството Реџи од струшкото село Велешта талка по институциите за да ја слушне, но и докаже вистината за убиството на нивниот тогаш малолетен син Али. Тој на кобниот ден 13 ноември 2001 година имал само 9 години. Учел во четврто одделение.

Секаква трага, раскажуваат неговите најблиски, му се губи во 16 часот по завршување на часовите. Иако цела ноќ барале во локалната река, телото го пронашле дури следниот ден. Велат дека ниту една институција од правниот систем досега не отворила истрага за овој случај, а веќе привршуваат две децении од него.

„Прво го пријавивме детето за исчезнато во полиција. Цела ноќ го баравме и во моментот на претрагата поминав кај местото каде што потоа детето беше најдено во Циганска река во 2 часот по полноќ, но тело немаше таму. Значи телото е донесено после тоа, односно е фрлено тука. Следниот ден полицијата дојде и бараше со нас. Од тогаш поминаа 18 години, но ништо не е покренато“, рече Ирфи Ајазоски-вујко на Али.

Од семејството велат дека не се задоволни ниту од извршената обдукција на телото која според нив, била некомплетна. Освен причините за смртта, односно повреда на главата, во документот кој го добиле, не стоело местото и времето кога настапила смртта, што кај нив отвора сомнежи.

„Јас како родител седум-осум месеци одев во полицијата и на крај после тоа ми рекоа – за син ти не е направено ништо, што да правиме ние? Детето го однесовме и на обдукција. Ми рекоа дека ако го носиме на обдукција ќе се дознае вистината, но до ден денес ништо не е преземено и ништо не знам“, вели Шукри Реџи-татко на Али.

„Ние имаме некои сознанија за времето на убиството и местото на убиството. Имаме сознанија и за можните сторители. Но, бараме од власта да ни излезе во пресрет и овој случај да се реши“, изјави Ирфи Ајазоски-вујко на Али.

Адвокатот на семејството вели дека поднеле апликација до Судот за човекови права во Стразбур со која ја тужат државата барајќи да се утврди одговорност за неправилно постапување и надомест на штета. Целиот случај, вели адвокатот, сè уште бил заглавен во предистражна постапка во МВР.

„Се работи за смрт на дете под насилни околности кое надлежните органи некако ја игнорираат. Уште од самиот почеток, кога е наредена обдукција, не е комплетна. Не е позната листа на осомничени, туку од страна на полицијата се сослушани само лица за да се утврди идентитетот на жртвата, а не лице кое евентуално можеби го сторило тоа. Фамилијата на покојниот се обиделе да ја придвижат постапката така да предлагале сведоци, со назнака истите да бидат сослушани како заштитени за да не се доведат во опасност. Во однос на тие барања не е постапено како што треба од страна Обвинителство“, рече адвокатот Михаил Кичеец.

Адвокатот вели дека се обратиле и во МВР за да дадат одговор зошто не се постапува по случајот, до Јавно обвинителство зошто до сега не е покрената истрага, но и до Народниот правобранител. Одговор од никого не добиле. Од МВР за Алсат кратко информираа – ќе го испитаат случајот и соодветно ќе информираат бидејќи, велат, станувало збор за настан од пред речиси 20 години.

Мики Трајковски

Loading...

Shpërndaj me

Loading...