Царината има зголемен обем на работа и затоа се потребни нови вработувања. Вака директорот на Царинската управа Ѓоко Танасоски го оправдува новиот оглас за 78 вработувања на определено време. Според неговото објаснување четири години немало нови вработувања во Царината, а сега со новите надлежности и со претстојните преговори за Европската унија биле потребни нови соодветни кадри.

„Ако земеме наназад од 2015 година навака не е извршено никакво вработување во Царинска управа што самото по себе побарува да има соодветни капацитети Царинската управа, има нови надлежности во своето работење, ни претстојат преговори со ЕУ, така да ова е еден нормален процес“, изјави директорот Танаскоски.

Иако Владата со реформата на администрацијата предвидува намалување на бројот на вработени под државна капа, премиерот Заев вели дека новите вработувања, а и реформата е со цел да се „стегне“ администрацијата за таа да биде ефикасна и ефективна.  Тврди дека и со овие огласи сите испразнети места не се пополнуваат. Ќе се вработува само таму каде што е неопходни, а онаму каде што има вишоци ќе се дадат на приватниот сектор.

„Сите тие вишоци во оние институции кои што се појавуваат или оние институции кои што ќе бидат укинати во реформскиот процес секако дека ќе бидат преку одреден тренинг со поддршка од владата подготвени за да бидат прифатени од приватниот сектор, тоа е наша намера тоа е процес кој што допрва ќе почне и ќе направиме рационализација на администрацијата без некој да изгуби работа“, рече премиерот Зоран Заев.

Во огласот за вработување се бараат цариници, наплатувачи, шефови на служби, советници и началници.  Од почетокот на годината се објавени огласи за над 200 државни вработувања. Освен Царината, оглас за 84 вработувања објави Агенцијата за патишта, УХМР објави оглас за вработување на 11, ДИК за 8 лица…

Опозицијата обвини дека власта прави корупција со вработувања во администрацијата, во пресрет на претседателските избори.

Александра Спасевска

Loading...

Shpërndaj me