Холандскиот амбасадор, Дирк Јан Коп, во интервју за „360 Степени“ зборува за ставот на неговата земја кон отварањето пристапни преговори со С. Македонија и со Албанија, членството во НАТО и други теми.

Амбасадоре, многу претставници на ЕУ, како и земји-членки, изјавија дека непостигнувањето консензус за одлука за почеток на преговори со Скопје и со Тирана беше голема, историска грешка. Вакви изјави, или слични формулации, не слушнавме од Хаг. Дали тоа значи дека холандската влада смета дека одлуката да нема одлука беше оправдан чекор?

„Кога 28 суверени и демократски држави не се во можност на едно заседание да донесат одлука не мислам дека има логика да се зборува за историски грешки. Во најмала рака, тоа е историски факт. Исто така, според наше видување, од ова не треба да се прави голема драма. Разочарување има и тоа го разбирам. И за нас е разочарување зашто гледаме простор за Северна Македонија да ги почне преговорите. Но, според нас, не станува збор за драма, туку повеќе за пречка на патот. Сега сме во долг процес на придвижување на земјата поблиску до ЕУ за да во некој момент таа стане членка. Тоа беше нашата позиција, тоа е нашата позиција и тоа ќе биде нашата позиција. Перспективата за членство во ЕУ е жива и она што сега е важно е процесот на приближување на С. Македонија да не биде попречен. Се уште има уште многу да се сработи. И откако ќе почнат преговорите за членство ќе има многу да се сработи“, вели холандскиот амбасадор.

Дали холандската влада е запознаена со иницијатива на некои земји-членки, на пример на Италија, за што е можно побрзо ставање на прашањето за проширување – одредувањето датум за преговори за С. Македонија и Албанија, на агендата на Европскиот совет?

„Треба да се запрашате колку е мудро еден датум да го претворите во многу симболичен датум, како што беше случајот со Европскиот совет во октомври. Да, ова прашање ќе биде на агендата на Советот за општи работи закажан за идната седмица, но ќе има само информативен карактер. Мислам дека кусо ќе се дискутира за тоа каква е сегашната позиција. Очигледно е дека ни треба нов извештај од Европската комисија, а новата Комисија се уште не профункционирала. Во тек се сослушувањата на кандидати за комесари и оттука, не може да очекувате нови одлуки на овој состанок на Советот за општи работи. Прашањето ќе се најде на агендата и добро е што покажува дека оваа тема е жива, дека земјите-членки се загрижени за тоа што ќе се случува, но ќе повторам – ќе нема одлука на оваа седница на Советот“, вели Јан Коп.

 

Loading...

Shpërndaj me

Loading...