Генералниот директор на Хеленик Петролеум Џорџ Алексопулос, потврди дека грчката фирма ќе ја тужи земјава и бара оштета од над 32 милиони долари бидејќи Македонија не го почитувала купопродажниот договор за ОКТА. Алексопулос оваа изјава ја даде на Економската Конференција во Атина која се одржа неделава. Од грчка страна велат дека се бараат начин за решение на спорот, но дополнителни информации не даваат.

Џорџ Алексопулос, Директор на Хеленик петролеум:

„Групацијата Хеленик Петролеум во декември покрена арбитражна постапка против Владата на Република Северна Македонија пред Меѓународниот кривичен суд, со барање за оштета од 32,6 милиони долари што произлегува од непочитувањето на обврската за набавка на минимално договорените количини на мазут во периодот од 2008 до 2011 година, што е прекршување на договорот од 1999 година. Членовите на Арбитражниот трибунал беа назначени од двете страни и во моментов процесот е во тек. Во однос на другото прашање кое се однесува на нафтоводот Солун – Скопје, ние исто така имаме контакти со владата во обид нафтоводот да продолжи да работи, согласно релевантната одредба од Преспанскиот договор.“

Откако од Хеленик Петролеум потврдија дека  ја активирале тужбата, македонските власти на неколку пати на новинарските прашања даваа скромни одговори без никакви детали. Вчера министерот за економија Крешник Бектеши потврди дека имало неколку средби со грчката фирма на која од македонска страна, освен министерот Бектеши, преговарале и вицепремиерот за економија Кочо Анѓушев и неколку експерти кои биле ангажирани од владата. Бектеши најави и дека ќе изберат и адвокатска куќа која ќе ја претставува државава пред арбитражниот суд во Париз и ќе се обидат да ја намалат бараната сума.

Од Хеленик потврдија дека се сериозно заинтересирани за ставање во функција на нафтоводот Скопје – Солун. Но,  македонските власти не открија ниту дали владата преговара по ова можеби клучно прашање за бизнисот со нафта и нафтени деривати во земјава. Дали ќе се согласат за пуштање на нафтоводот ќе зависи од анализата која, според Бектеши, била во тек, а треба да покаже колку реактивирањето на нафтоводот ќе биде во интерес на граѓаните. Пред неколку месеци, сега веќе екс-министерот за енергетика во Грција, Јоргос Статакис, соопшти дека со повторното пуштање на нафтоводот нашата земја би станала регионален центар за деривати. Инаку, ова е втора тужба на Хеленик против земјава за истиот проблем со мазутот. Македонија тогаш мораше да плати отштета од 40 милиони долари.

Иле Петревски

Loading...

Shpërndaj me

Loading...