„Хеленик Петролеум“ кој е сопственик на ОКТА подготвува нова тужба против државата. Нафтената компанијa ќе бара оштета од 35 милиони евра од земјава поради непочитување на договорот за снабдување со мазут, дознава Алсат М од сопствени извори. Цели 5 години, или од 2007 до 2012 земјава не набавувала иако имала обврска од Окта да купува по 500 илјади тони мазут на годишно ниво. Казнените одредби од договорот велат дека непочитувањето на прописите ќе чини по 19 долари за секој неоткупен тон мазут. Побаравме став од ОКТА еве го одговорот:

„ОКТА АД – Скопје нема каков било судски процес со Владата. Ова прашање е поврзано со Договорот за купопродажба, потпишан од страна на Владата и стратешкиот инвеститор EL.P.ET. BALKANIKI S.A. Во таа насока, сите прашања во однос на оваа тема треба да бидат упатени до договорните страни.“

Неофицијална потврда дека „Хеленик Петролеум“ има намера да ја тужи државата добивме и од владини претставници кои сметаат дека засега е рано тужбата да стаса на Илинденска број 2. Од самиот старт експертите од оваа област предупредуваа дека ваквиот договор, кој инаку беше потпишан во време на владата на Љубчо Георгиевски, ќе биде на огромна штета на домашната каса бидејќи за потребите на земјава доволни биле околу 70 илјади тони мазут годишно, а не 500 илјади тони. Алсат денеска го побара и самиот Љубчо Георгиевски, но неговиот портпарол ни соопшти дека тој е надвор од земјава и оти став ќе добиеме утре. Инаку ова нема да биде прва тужба со која компанијата со грчки капитал ќе ја тужи Македонија. „Хеленик Петролеум“ фирмата која е сопственик на Окта во 2004 година поднесе тужба против Македонија на Арбитражниот суд во Париз. Земјава мораше да плати 53 милиони долари за истото дело, недоволно купување на договорените количества мазут.

Иле Петревски

Shpërndaj me