Катица Јанева конечно ќе се соочи со Вилма Рускоска. Алсат неофицијално дознава дека на адреса на Специјалното обвинителство, утрото до шефицата на СЈО стигнала поканата за сведочење за случајот „Рекет“.  Курир од обвинителството за организиран криминал го донел пликото во СЈО. Поканата создала хаос.

Полицајците во СЈО почнале дури да ги претресуваат сите вработени кои влегуваат и излегуваат од Специјалното обвинителство вклучително и обвинителите, по директна наредба на Јанева. Паралелно, кај Рускоска за „Рекет“ сведочеше  шефицата на нејзиниот кабинет. Иако требаше денеска, се одложи сведочењето на обвинителот од СЈО, Бурим Рустеми. Причина е судењето „ТНТ“ каде тој е обвинител. Обвинетите за уривање на комплексот „Космос“, водени од можната инволвираност на Јанева во „Рекет“, побараа нејзино изземање.

„Ова морам да кажам, јас очекував ова таа прво лично да го направи од морални причини, но затоа што таа, тоа не го стори, денеска официјално со писмен поднесок тоа го сторив лично јас, имајќи ја во предвид целата ситуација и сите јавно објавени документи кои што деновиве можевме да ги видиме а се поврзани со аферата Рекет“, рече Тони Трајковски, обвинет во „ТНТ“.

Со ова барање за изземање, „Рекет“ и официјално почнува да станува пречка во случаите на СЈО. Обвинителството за организиран криминал веќе информираше дека во тек е финансиска истрага а се вештачат телефони и компјутери за да се декриптираат пронајдените содржини. Што знаат за „Рекет“ пред обвинителството за организиран криминал кажаа обвинителките од СЈО – Елизабета Јосифовска и Лиле Стефанова која ја водеше Империја каде осомничен е Орце Камчев, сега сведок во „Рекет“.

Засега осомничени за изнуда на 1,5 милиони евра од Камчев се само Боки 13 и Зоран Кичеец. Му ги зеле парите со ветување дека ќе влијаат во СЈО и ќе ја стопираат истрагата за перење пари против Камчев. Италијанскиот десничарски весник „Ла Верита“ објави и аудио бомби каде се слуша гласот на Катица Јанева. Го смирува Камчев дека „Империја“ е под контрола и дека преземените дејствија се за да се покаже дека истрагата е жива. Јанева не демантираше дека разговарала со Камчев но негираше дека е дел од рекет шемата на Боки 13 и Зоки Кичеец.

Бојан Стојановски

Loading...

Shpërndaj me

Loading...