Со предложените реформи внатре во ЕУ, Франција бара интегрирањето на балканските земји да се случува во седум фази, а не преку поглавја како што беше досегашна пракса. Нон Пејперот кој францускиот претседател, Емануел Макрон, го доставил до земјите-членки на ЕУ, а кој го обезбеди Алсат, содржи четири нови услови кои ќе бидат додадени во процесот на проширување со спроведувањето на внатрешната реформа.

  • Постепено приближување каде процесот нема веќе да се одвива со поглавја, туку во неколку фази кои државата треба да ги помине по ред.
  • Строги услови кои ќе им се поставуваат во секоја фаза на земјите-кандидати. Индикаторите ќе ги добиваат сите институции на ЕУ од соодветните области, а најважна ќе биде состојбата во судството.
  • Опипливи придобивки, каде се наведува неопходноста дека освен придобивките кои доаѓаат од градуалното учество во политиките на ЕУ, ќе се зголемува финансиската поддршка за да се избегнат странски влијанија.
  • Можноста за враќање на процесот назад, каде се наведува дека може да се воведе реверзибилен принцип за да се решат ситуациите во кои земјата-кандидат, целосно или делумно, повеќе не исполнува одредени критериуми или прекинува да ги исполнува преземените обврски.

Основни принципи на процесот остануваат човековите права и слободи, владеењето на правото и судството.

Документот предвидува фазата на постепена интеграција да се одвива на начин државата-кандидат да не може да учествува во политиките на ЕУ во една фаза, ако не ја помине претходната.

Прва фаза предвидува реформи во судството, основните права, правда, слобода и заштита.

Втора фаза е за едукација и култура, транспортната политика, енергетиката и животната средина.

Трета фаза е социјалната политика и вработувањата, здравство, заштита на потрошувачите и политика на конкурентност.

Четвртата фаза е поврзана со економијата, слободниот проток на капитал, финансиски услуги, монетарна и економска политика, статистика и финансиска контрола.

Петта фаза: Внатрешен пазар, земјоделство и рибарство, се спомнува и царинска унија, слободен проток на стока, слободно движење на работници, безбедност на храната, ветеринарство и финансиска политика, медиуми и информатичко општество.

Шеста фаза: Надворешна политика, надворешни односи, сигурност и надворешна безбедност.

Седмата фаза е за други прашања во кои се споменуваат финансиски и буџетски прашања, договори, институции.

Според приоритетноста на фазите, реформите во судството се први, таму каде што земјава заостанува, а критиките на Брисел во последните години беа токму во таа област. Се поставува дилемата, колку време ќе ù треба на државата да ја помине ова фаза? Со оваа методологија, Албанија треба да биде пред Македонија, со оглед на тоа што Албанија барем има направено ветинг.

Во однос на медиумите, Франција ова прашање го постави во петтата фаза заедно со внатрешниот пазар и земјоделството. Сосема на крај во седмата фаза е оставен пристапот, кој значи целосно членство во ЕУ. Франција од Европската Комисија и Европскиот Совет бара новиот пакет за проширување да се усвои пред јануари 2020 година. Новата процедура ќе важи за сите земји-кандидати, но и за Србија и Црна Гора кои веќе преговараат со Брисел.

Шклзен Аќифи

 

Loading...

Shpërndaj me

Loading...