Властите во земјава не веруваат дека Франција ќе нè блокира за доделувањето датум за започнување преговори со ЕУ. Претседателот Стево Пендаровски коментира дека француската држава имала за цел да го подобри преговарачкиот процес, додавајќи дека земјава не треба да се плаши од барањата за продуктивни преговори. Пендаровски, кој престојува во официјална посета на Австрија, рече дека државава како кандидат од 2005 година, ги исполнува човечките и технички критериуми за секое поглавје во преговорите.

„Франција со право се обидува да ја подобри методологијата на преговори со што придобивките и напредокот на преговорите во сите 35 предвидени поглавја да бидат неповратни“-изјави Стево Пендаровски, Претседател.

Францускиот амбасадор Кристијан Тимоние денеска повика да не брзаме со заклучоци пред последниот збор на 15 октомври. Тој додаде дека најавите на Франција не ги демотивираат другите земји-членки, туку – како што рече – ја мотивираат ЕУ и Северна Македонија за вклучување во европското семејство.

„Ќе видиме за неколку дена, се надевам наскоро. Се надевам дека дискусијата меѓу Европејците ќе биде водена во рамките на компромис и никогаш не би сакал да го прејудицирам резултатот“-рече Кристијан Тимоние, амбасадор на Франција.

Но, според Дојче веле, француските дипломати ги информирале своите европски колеги дека Франција е против тоа Северна Македонија и Албанија да добијат датум за преговори со ЕУ. Според нив, целта на Франција е да се дојде до подобрување во самата унија и оти нови членства, особено со балкански земји, би го влошиле внатрешниот процес. Германски дипломати, од друга страна, оцениле дека одлуката на Бундестагот го олеснува ставот на Франција и Холандија во корист на двете земји.

Адријан Керими

Loading...

Shpërndaj me

Loading...