Висока стапка на сива економија од дури 45 отсто, корупција, нетранспарентно трошење на буџетските пари, непотизам. Ова се главните критики за Македонија кои се најдоа на извештајот на американската фондација „Херитиџ“. Во извештајот се вели дека домашната економија е загрозена од внатрешна политичка криза. Македонија, според економските слободи е рангирана на 33-то место во светот. Трошењето на јавните пари, владеењето на правото и отвореноста на пазарот се главните сегменти по кои се рангирани државите за економските слободи кои ги имаат стопанството и граѓаните на една земја.

Фондација „Херитиџ“:

„Правна рамка постои, но проблем е спроведувањето што ја поткопува довербата на јавноста дека постои подготвеност да се гонат корумпираните официјални претставници. Владата донесе некои антикорупциски мерки, но и натаму е присутно политичкото мешање, непотизмот и одолговлекувањето на судските процеси.“

Од  фондацијата посочуваат дека на Македонија ù се потребни  структурни реформи, справување со корупцијата и многубројната администрација. Но, премиерот Зоран Заев не се согласува дека стапката на сива економија е толкава. Според него, наместо 45%, неформалната економија била до 30 отсто. Освен тоа, Заев тврди дека владините проекти за борба против работата на црно даваат резултат.

„Голем дел од политиките во делот на економијата и во делот на владеењето на правото се за отстранување на сивата економија, на нелегалните пари, на парите коишто поткупуваат, што рекетираат или слично во општеството. Верувам дека на тој начин заздравува и државата, но и економијата“, рече Заев.

На листата на фондацијата земјава е најдобро рангирана од државите во регионот. Најблиску до Македонија е Бугарија на 37. место, Косово е на 51, Албанија на 52., Србија 69, а Грција на 106 место. Најголеми економски слободи во светот има во Хонг Конг, Сингапур и Нов Зеланд, а најмали во Куба, Венецуела и Северна Кореја.

Иле Петревски

Loading...

Shpërndaj me

Loading...