Специјалната обвинителка Фатиме Фетаи побара судот да ги прогласи за виновни Сашо Мијалков, Мендух Тачи, Бедредин Ибраими, Влатко Сајковски, Сашо Срцев и Анета Стефановска. Сите се обвинети во случајот „Титаник 2“ за изборни нерегуларности. Во завршните зборови Фетаи посочи дека оправдано очекува осуда.

ВМРО – ДПМНЕ математички прецизно пресметало дека поништувањето на гласањето во едно избирачко место во Струмица, нивниот кандидат ќе го однесе во втор круг, иако немало повеќе ливчиња од запишани избирачи во гласачката кутија.

Фатиме Фетаи, СЈО:

Кога виделе дека ги изгубиле изборите во Струмица, од ВМРО – ДПМНЕ  ги впрегнале сите логистички капацитети. Со својата моќ и реално влијание Мијалков, како прв човек на УБК, стапил во контакт со Тачи, кој пак му рекол на Бедредин да гласа за поништување на изборните резултати на три избирачки места, а за возврат на поништување на изборни гласови во Чаир“

Фетаи во судница посочи дека и преку доказите се утврдило дека членот на ДИК од ДПА, Бедредин Ибраими првично бил против прегласување во Струмица. Се премислил откако му се јавил Тачи. Останатите тројца обвинети, Сајковски, Срцев и Стефановска според СЈО ја злоупотребиле службената положба за партиски цели.

Фатиме Фетаи, СЈО:

Не биле државни службеници туку се грижеле за постигнување на партиските цели макар било тоа и со навлегување во кривичната зона“

Поранешните членови на ДИК кои се обвинети за изборни нерегуларности, СЈО ги гони по членот 353 од кривичниот законик или за злоупотреба на службена положба. Мијалков одговара по член 359 или примање награда за противзаконито влијание. Обвинетите својата одбрана во завршен збор ќе ја дадат на 19 февруари.

Бојан Стојановски

Loading...

Shpërndaj me