Угостителските објекти и обложувалниците ќе може да поништуваат фискални сметки само во првите 15 минути од издавањето. За поништените сметки ќе мора да извадат и нова фискална сметка. Управата за јавни приходи (УЈП) преку законски измени се обидува да ја намали сивата економија за која вчера премиерот Зоран Заев кажа дека е над 30%.

Директорката на Управата, Сања Лукаревска вели дека при контролите на инспекторите се детектирани чести злоупотреби и неиздавање на фискални сметки кај даночните обврзници.

„При издавање на фискална сметка ќе мора точно да се внесе начинот на плаќањето. Дали сметката ќе се плати во готово или со платежна картичка. Во случај на повторување на прекршоците од страна на даночните обврзници со измените се пропишува и забрана за вршење на дејност“, рече Сања Лукаревска, директор на УЈП.

Анализата на УЈП покажува дека лани биле поништени 77.832 сметки во износ од 553 милиони денари. Вакви сметки издаваат дури и погребалните друштва.  Во однос на повратот на ДДВ за граѓаните кој премиерт Заев најави дека ќе стартува од 1 јули, Лукаревска вели дека Управата работи на изнаоѓање на начин како ќе се реализира оваа мерка.

Според нејзе, враќање на ДДВ преку телефон ќе биде за една целна група, но се бараат можни решенија за кои дополнително ќе се излезе со детали. Лани од извршени над 7 илјади контроли на УЈП биле откриени 826 неправилности. При контролите за фискализација, најчесто утврдени неправилности се неиздавање фискални сметки, односно користење „компјутерски“ сметки како замена за фискални, непоседување резервна фискална, неевидентирање податоци во книга за дневен финансиски извештај како и неусогласен промет.

Александра Спасевска

Loading...

Shpërndaj me