Откако вчера УЈП го објави новиот начин на поднесување годишна даночна пријава, во јавноста се предизвикаа жестоки реакции. Денеска директорката на Управата, Сања Лукаровска се обиде да појасни дека процесот не е комплициран. Пензионерите доколку не знаат, не треба да учат да работат на компјутер, бидејќи можат да овластат друго лице кое во нивно име ќе ја достави електронски пријавата, вели Лукаревска, а на располагање им се и мобилните шалтери на УЈП. Казни – вели – во првата година нема да има, иако тие се предвидени во законот. Лукаревска не одговори колкава е висината на паричната глоба која ќе им се изрече на граѓаните кои нема да поднесат електронска пријава, бидејќи како што рече, сега било време да се зборува само за убави работи.

„Да зборуваме за убави работи, да не зборуваме за казни. Граѓанинот е ослободен од пополнување на пријавата, тоа ќе биде работа на УЈП. Ако досега УЈП ги контролира годишните даночни пријави, отсега граѓаните ќе ја контролираат УЈП“, рече Сања Лукаревски директорка на УЈП.

Граѓаните коишто немаат пристап до интернет или местото каде живеат не е покриено со интернет мрежа, ќе треба лично да отидат на шалтер во УЈП со лице што ќе го овластат и во нивно име да ја прима пријавата. Од Секторот за регистрација и утврдување данок, велат дека управата мора да има некаков контакт со сите граѓани кои по било кој основ добиваат пари.

„Ако претходно граѓанинот доаѓал во УЈП и кажувал и потврдувал дека тоа се неговите приходи, во овој случај УЈП има нова услуга кон граѓаните каде што им кажува дека тие се приходите за коишто УЈП има информација дека ги остварил граѓанинот, меѓутоа граѓанинот мора повратно да ни каже дали тие приходи се точни“, изјави Ивана Дончевска, раководител на секторот за регистрација и утврдување данок.

Новите правила на УЈП предвидуваат сите физички лица коишто во текот на годината оствариле приходи, вклучувајќи ги и оние кои примиле само плата или само пензија, ќе мора до крајот на годинава електронски да се регистрираат во УЈП на новиот систем Е-персонален данок. Сите ќе мора да имаат електронски адреси на кои, откако ќе се регистрираат, ќе добијат барање кое треба да го достават до шалтерите на Управата, која потоа ќе ги потврдува податоците.

Иле Петревски

Loading...

Shpërndaj me