Четиринаесетиот кат во зградата на МТВ речиси и не функционира, иако таму се сместени две државни институции. Дирекцијата за заштита на личните податоци и Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер. И двете се обезглавени. Немаат директори. Постои можност после Нова Година дури и да се доведе под прашање нивното функционирање.

Дирекцијата за заштита на личните податоци веќе шест месеци нема директор, а две и пол години нема ниту заменик-директор. Не можат да ја реализираат програмата за годинава, ниту да донесат програма за работа за догодина. Сите документи кои ги издаваат се неофицијални, иако до нив пристигнуваат жалби од граѓани за разни злоупотреба на личните податоци.

„Прво, Дирекцијата нема извршено редовен инспекциски надзор од мај оваа година како последица на тоа што немаме директор. Второ е што институцијата не може да издава мислења, ниту укажувања по закони и подзаконски акти…“, вели Емилија Гиновска, Односи со јавност – Дирекција за заштита на личните.

На само неколку чекори и еден ходник и друга институција мака мачи за нормално да функционира. Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер функционира само со еден член. Во мај беше донесен нов закон – Комисијата да се трансформира во Агенција. Треба да се избере директор и заменик, па дури потоа таквата трансформација да се изврши.

„Во јуни беше отворен конкурс за избор на кандидати за збор на директор и заменик-директор во Агенцијата за слободен пристап до информации од јавен карактер. Но, оваа постапка беше прекината зошто нема решение од Собранието бидејќи сè уште Комисијата за избори и именувања не изврши селекција на кандидатите за да предложат до Собранието тие да бидат именувани“, рече Блерим Хусеини, Претседател на Комисијата.

Судбината на овие две институции е во рацете на Собранието или поточно Комисијата за избори и именувања. Претседателот на оваа комисија, Илија Димовски за Алсат посочи дека закажал три седници за да се изберат директори. Но, според него, исто толку пати седниците биле одложувани и тоа по барање на владејачкото мнозинство. На негова иницијатива закажани се средби со координаторите на партиите за до Нова Година да се изберат директори во двете институции.

Бојан Стојановски

 

Loading...

Shpërndaj me

Loading...