Утре во сите основни и средни училишта во земјава стартува второто полугодие, но не се знае дали учениците  ќе ги добијат новите ветени  учебниците кои ги чекаат од септември, односно од  почетокот на школската година. Министерот за образование Арбер Адеми вели дека со почетокот на второто полугодие ќе се делат и учебниците, бидејќи, конечно како што вели завршена е  целата постапка. Според министерот Адеми, за учебниците од основно училиште се потпишани три договори за 42 учебника.

“Се печатат учебниците за многу училишни предмети за основно образование и истите ќе бидат дистрибуирани до образованите институции, основните училишта. Со оваа успешна процедура на јавни набавки ние полека затвораме долгогодишен проблем со снабдување, но само  за тие  за кои Министерството за образование има авторско право, а за учебниците за кои ексклузивно право имаат издавачките куќи, со нив ниту една школска година не сме имале проблеми“, рече  Арбер Адеми, министер за образование и наука.

Вакви ветувања имаше и во првите четири месеци од учебната година, но речиси сите основни училишта првото полугодие го завршија без многу книги, а учениците мораа да  ги фотокопираат.

“Ни недостасуваат многу книги. Некои од учебниците ги фотокопираме, некои ги позајмуваме. Тешко е, подобро е кога се има своја книга“.

“Имаме недостиг на книги по географија и други предмети, германски и албански јазик. Позајмуваме од пријатели за домашни задачи. Исто така сме фотокопирале“, рекоа учениците.

Министерот Адеми рече дека со нови книги ќе се снабдуваат и средните училишта. Станува збор за 68 учебници и за некои кои треба да бидат ревидирани, формирани се соодветни комисии. Јавна набавка за нови  учебници нема уште од 2014 година.

Мелихате Рустеми

 

Loading...

Shpërndaj me

Loading...