Уставните судии со мнозинство гласови одбија да ја оценуваат уставноста на членовите 1 и 2 од Законот за амнестија за обвинетите, осомничените и осудените од 27 април. Иницијативата до уставните судии ја поднел ексдиректорот на БЈБ,  Митко Чавков, кој за настаните од 27 април беше осуден на 18 години затвор и за него како носител на златната команда во полицијата не важеше амнестијата.

Чавков се жалел дека амнестијата била дискриминаторска затоа што со неа беа опфатени само дел од лицата со што биле прекршени неговите слободи и права загарантирани со Устав. Мнозинството уставни судии, одлучија дека не треба да се поведе постапка. Уставниот судија Владимир Стојановски кој беше известител на  иницијативата рече дека  Судот не може да се стави во улога на Собранието кој го донесе Законот за амнестија и  да определува кого да амнестира. На Собранието му порачаа ако во иднина повторно усвојува закони за амнестија, да ги опфати сите инволвирани.

На идентичен став е и судијата Осман Кадриу кој рече дека собранието со законот за амнестија не вршел дискриминација, туку дал амнестија само за одредени конкретни кривични дела. Најжестоко против целиот акт на амнестија беше претседателот на Уставен, Сали Мурати, кој праша дали вакви амнестии има во Европа.„ Нападнато беше највисокото тело на државата, а тие беа амнестирани. Потоа ниту еден од нив не се покаја, туку напротив уште и се засилуваат “ рече Мурати.

Со Законот за амнестија се ослободија и запреа судските постапки на обвинетите и осомничените учесници во крвавите настани, освен за организаторите на крвавиот упад и осудените за  обидот за убиство врз пратеникот Зијадин Села. Од 33 обвинети, амнестијата опфати 15 лица. . Меѓу нив беа петтемина пратеници Крсто Мукоски, Сашо Василески, Јохан Тарчуловски, Љупчо Димовски и Љубен Арнаудов, и водачите на протестите Богдан Илиевски, Владо Јовановски и Борис Дамовски. На затворски казни од 7 до 18 години беа осудени 17 лица.

Игор Стефановски

 

Loading...

Shpërndaj me

Loading...