Турција веќе три години не ги признава дипломите на Меѓународниот универзитет во Струга и на Европскиот универзитет во Скопје. Во документ до кој дојде Алсат се вели дека Институтот за високо образование во Турција таа година одлучил дипломатите од овие два универзитета во Македонија и еден во Босна, да не се нострифицираат.
Во објаснувањето на турскиот институт се вели дека во Македонија има многу студенти од Турција кои кога се враќаат во својата земја наведуваат дека овие универзитети се “бунари за пари” каде што има злоупотреби и не се добива потребната едукација.

Меѓутоа, повеќето студенти на Меѓународниот универзитет во Струга доаѓаат од Албанија. Таму имаат докторирано некои личности од албанската политичка сфера, како и нивни роднини. Пред неколку години, просветниот инспекторат донесе одлука со која се наложува следното:

  • Меѓународниот универзитет во Струга да води целосна евиденција на студенти кои доаѓаат од странство и кои се регистрирани без решение за нострификација од страна на Министерството за образование за завршено средното образование
  • Да обезбеди еквивалентност за признавање на високообразовната квалификација
  • Меѓународниот универзитет во Струга да ги поништи дипломите доделени без нострификација и еквивалентност кои се незаконски и неважечки

Вчера Алсат објави дека Секторот за високо образование при МОН, како што се дознава неофицијално, врз основа на нашите прашања, подготвил извештај за министерот за образование, Арбер Адеми, со кој е известен дека докторатите на запишаните кандидати во последните три години на овој универзитет во Струга, треба да се прогласат за неважечки поради тоа што по 2015 година, универзитетот немал дозвола за работа за трет циклус на студии. Адеми за Алсат вети детална анализа за работата на Меѓународниот универзитет во Струга и на другите високообразовни институции и оти за многу кратко ќе се донесат и конкретни одлуки.

Фатлуме Дервиши

Shpërndaj me