Туристичките работници бараат мерки како да се заштитат од нелојалната конкуренција. Секоја година угледот на туристичките агенции ги урива некоја фирма која скандалозно прави измами на туристи, се жали Аркан Керим, претседател на туристичкиот оддел при Сојузот на стопански комори на Македонија.

Најголемите бизнис здруженија подготвуваат план кој ќе ги заштити граѓаните, но и самите агенции ќе бидат сигурни дека помеѓу нив има само сериозни компании и измамите евентуално да станат минато. Туристичките работници имаат предлог како да се покријат можните штети врз граѓаните.

„Дадовме иницијативи како тоа да се реши. Значи, најбезболно решение е секој економски оператор да гарантира на државата со банкарска гаранција дека нема да направи некој проблем. Наместо тоа што се плаќа за осигурителна полиса, која не покрива ништо, да се дадат конкретно сто илјади евра банкарска гаранција за државата дека тој економски оператор или туристичка агенција е сериозен играч и нема да направи таква измама“, рече Аркан Керим, претседател на туристичка комора при ССК.

Керим смета дека има благо подобрување во однос на услугата во споредба со минатите години, но останува критичен дека сме далеку од стандардите во туризмот кои ги имаат земјите со кои сакаме да се споредуваме.

А, и во текот на летниот период градот Скопје е најпосетуваното место од страна на странските туристи. Следуваат градовите кои се во близина на Охридското, Преспанското и Дојранското езеро, потоа следуваат планинските места. И натаму гостите од опкружувањата се најбројни во Македонија, како и туристите од Турција.

Туристичките работници очекуваат успешна сезона. Најбарани места за летување годинава биле туристичките локалитети во Турција и Грција.

„Одлична туристичка сезона за сите туристички работници . Ќе биде ова рекордна сезона и за дојдовен и за појдовен туризам“, додава Керим.

Алсат М пред само една недела информираше за семејство кое се пожали дека е измамено од страна на туристичка агенција. Од агенцијата изјавија дека патниците ќе бидат обештетени согласно законот. Една од поголемите измами од ваков вид во нашиот регион се случи пред неколку дена во Србија каде туристичка агенција успеа да измами повеќе од две илјади лица.

Иле Петревски

Shpërndaj me