Четириесет и осум часа траеше судењето „Рекет“ за Зоран Милевски – Кичеец. Вчера призна дека е виновен а веќе денеска судот го осуди на три години затвор. Кичеец пресудата ја слушна лично во судница а судијата ги спомна и Боки 13 и Катица Јанева читајќи делови од обвинението на Вилма Русковска но и ја објасни посредничката улога на Кичеец при изнудата на 1,5 милиони евра од Орце Камчев. До правосилност на пресудата Кичеец ќе остане во куќен притвор иако бараше да се брани од слобода.

„Откако обвинетите Бојан Јовановски и Зоран Милевски се посомневале во доверливоста на средбите и договарањето повеќе не остварувале средби со сведокот. Со зададените дејствија обвинетиот Зоран Милевски сторил кривично дело „Примање награда за против законито влијание“ по член 359 став 3 во врска со став 2 во врска со член 22 од Кривичниот законик па судот го осудува на казна затвор во траење од три години“, рече Васка Николовска – Масевска, судија.

Вилма Русковска е задоволна од изречената затворска казна за Зоран Кичеец. Откако ќе ја прими пресудата ќе одлучи дали ќе се жали на висината од три години. Обвинителката не ја исклучи можноста, Кичеец да го повика за да сведочи во „Рекет“ каде остана да им се суди на Боки 13 и Катица Јанева.

„Може да се појави. Може тоа да биде на предлог на обвинителството или на предлог на одбраната во дополнување на доказната постапка“, рече Русковска.

Адвокатите на Зоран Кичеец најавија жалба до Апелација. Не гледаат причина нивниот клиент да биде повикан да сведочи за „Рекет“. Одбраната смета дека три години затвор за Кичеец се многу.

„За ова дело можна е и условна казна. Со други зборови не сме задоволни и ќе поднесеме жалба кога ќе примиме писмена пресуда“, изјави Александар Новаковски, адвокат на Зоран Кичеец.

Веќе во петок продолжува судењето за „Рекет“. Во судница повторно се враќаат Боки 13 и Катица Јанева. На судењето задутре треба да сведочи бизнисменот Орце Камчев од кого обвинетите изнудиле 1,5 милиони евра но како сведок треба да се појави и неговата сопруга Ана која ги дала првите половина милион евра.

Бојан Стојановски

 

Loading...

Shpërndaj me

Loading...