Докторката која издаде медицинска белешка дека Тони Трајковски не може да ја следи расправата за „ТНТ“ повикана во суд. Кривичен на рочиштето во понеделник, бара невропсихијатарот пред обвинетите, адвокатите и јавноста да објасни зошто поранешниот градоначалник на Гази Баба не е во состојба да доаѓа на закажаните рочишта за уривањето на комплексот Космос на бизнисменот Фијат Цаноски.

„Со цел утврдување на фактичката состојба, доследно почитување на правата на странките во постапката, како и јавниот интерес за предметот, судот ќе ù овозможи на докторката јавно да ја образложи здравствената состојба на обвинетиот и причините за неговата спреченост да присуствува на судењето…“, наведуваат од Кривичен.

Вчера судењето за „ТНТ“ се одложи токму поради влошеното здравје на обвинетиот Тони Трајковски. До судот и обвинителот достави лекарска документација. Но, неделава се одложи уште едно закажано рочиште зашто Трајковски не дојде со оправдување дека не добил уредна покана. По предупредувањето од судот дека полиција ќе го спроведе во судница, тој вчера се појави на судење.

Сепак, неколку рочишта за „ТНТ“ се одложија и пред Нова Година. И тогаш причина беше, Тони Трајковски. Го претепаа, а досега полицијата не откри кој го нападна еден ден пред закажаното рочиште. „ТНТ“ поради промена на судија – поротник почнува одново со воведни говори на адвокатите и произнесување за вина на обвинетите.

Кривичен инсистира сите изведени докази во изминативе две години само да се прочитаат, додека адвокатите не откриваат дали се договориле, сведоците да ги сослушаат пак, што би значело ново развлекување на постапката.

Бојан Стојановски

Loading...

Shpërndaj me

Loading...