Препораките од Европската Комисија за подобрување на буџетското планирање и потранспарентно управување и трошење на јавните финансии кои се најдоа во вчерашниот годишен извештај, по сè изгледа дека евентуално засега не ги прочитал министерот за финансии Драган Тевдовски. Прашан денеска од новинарите како ќе ги коментира овие критики од Брисел, министерот одговори дека е многу задоволен од  извештајот. При тоа почна да набројува проекти кои според него се реформски и пофалени во извештајот на Брисел.

„Спроведовме реформи со коишто го подобривме системот на јавните финансии во Република Северна Македонија. Во извештајот јасно се потенцирани и клучните реформи кои што се направени. Како што е пензиската реформа, потоа даночната реформа, исто така потенцирана е фискалната транспарентност, како нешто што ја носи земјава напред…“, рече министерот Тевдовски.

Во извештајот за напредокот на земјава нагласена е и негативната состојба со сивата економија, за која се бара посериозна борба против работата на црно и неплаќањето даноци. Но, властите тврдат: За првпат во Македонија имало стратегија за справување со сивата економија.

„Можеме само да се пофалиме дека имаме натфрлување на планот и на наплатата споредбено со други години. Секако дека тоа е борба со која не може преку ноќ да се избориме…“, рече Сања Лукаревска, директорна на УЈП.

Најострите критики кои беа нотирани во извештајот за напредокот на Македонија од страна на Е.К. се однесуваа за тоа како власта ги троши парите на граѓаните. Забелешки има и за слабата реализација на капиталните инвестиции од страна на државата. Исто така се побара од земјава да се направат структурни реформи на пазарот на труд.

Вчера пак, пред да биде објавен извештајот, Алсат го праша и вицепремиерот за економија Кочо Анѓушев, во кој дел од извештајот посветен на економијата очекува пофалби, а каде директни критики од Брисел? На тоа Анѓушев одговори дека му е жал што сè уште постојат луѓе во државата за коишто негативните вести се вести. Побара отсега натаму вести да бидат само позитивните случувања.

Иле Петревски

Loading...

Shpërndaj me

Loading...