Наместо да ги добијат заостанатите плати, новинарите кои работеа во пропаднатата ТВ НОВА на Сеад Кочан се најдоа на листата должници кон оваа телевизиска куќа. Вкупно 14 новинари се сочуваат со тужби поднесени од стечајната управителка поради аванси за службени патувања. Новинарите тврдат дека паричните средства им се давани од страна на менаџментот, но по враќањето од службено патување уредно се раздолжувале. Според нив, сосема апсурдно е наместо да добијат плати од ТВ НОВА која им остана должна, сега тие да бидат принудени да плаќаат нешто за кое не се виновни.

„Сега ние на суд да докажуваме дека сме ги оправдале, како јас да докажам? Јас сметките сум ги дала на човек кој бил задолжен за тоа. Јас сега немам сметки кај да ги најдам за да докажувам, целата ситуација е небулозна. Се надевам дека ќе добиеме и поддршка од новинарските здруженија од синдикатот на новинари затоа што изгледаме како криминалци кои зеле пари од сметката на фирмата и никогаш не ги вратиле, така изгледаме сега ние“, вели Катерина Павлова Николовска, новинарка.

Стечајната управителка која го води стечајот на ТВ НОВА, Христина Јоневска не сакаше да зборува пред камерата на Алсат. Посочи дека не постојат сметки со кои новинарите ќе докажат дека се раздолжиле, па затоа Одборот на доверители донел одлука да се оди преку судска постапка.

Доколку сметаат дека сметководството во фирмата имало пропусти тогаш можат да го тужат вели Јоневска.

Телевизија Нова почна со работа на почетокот на 2016 година, но по речиси две години од нејзиното постоење вработените се жалеа за доцнење и неисплаќање на платите. Стечајната постпака се отвори на крајот на јуни 2018 година, со решение од Основниот граѓански Суд во Скопје. Оваа телевизиска куќа остана должна на околу 100 вработени за неисплатени седум плати.

Андреа Чобанова

Loading...

Shpërndaj me

Loading...