Косовскиот претседател Хашим Тачи е убеден дека Косово и Албанија многу наскоро ќе имаат заедничка иднина без граници, јави дописникот на МИА од Приштина.

Обраќајќи се на свечената академија „Благодариме Албанија“, по повод 21-та годишнина од приемот во таа земја на косовските бегалци, Тачи ѝ одаде признание на Албанија затоа што, како што рече, „се соочи со геноцидот што српската држава го вршеше врз косовскиот народ во кампањите за етничко чистење“.

Тачи се заблагодари на Албанија затоа што „ги отвори вратите и срцата во деновите на трагедијата и кулминацијата на војната од 1998-99 година“.

– Тоа е големината на Албанија, тоа е татковината со безгранични духовни и солидарни димензии. Косово е вечно благодарно на Албанија. Без Албанија Косово не ќе беше слободно, ослободено и независно, изјави Тачи.

На академијата присуствуваше и албанскиот претседател Илир Мета, кој рече дека „Албанија беше должна да ја преброди извонредната хуманитарна криза што доаѓаше од геноцидот на (тогашниот српски лидер) Слободан Милошевиќ“.

– Две децении поминаа и секако дека сме многу подобро одошто бевме. Сепак, не сме толку среќни колку што би сакале да бидеме. Треба да бидете попосветени на иднината за да не се мобилизираме и да ги ставаме во погон нашите доблести само во кризни времиња, туку да работиме постојано и со висока свест, порача Мета.

Loading...

Shpërndaj me

Loading...