Специјалното јавно обвинителство побара од судот да им конфискува 17 милиони евра на фирмите „Трансмет“ и „Силекс Неметали“, а обвинетите Сеад Кочан и Василие Авировиќ да ги прогласи за виновни. Денеска во судот СЈО во завршни зборови за случајот „Труст“ побара фирмите кои го наместиле тендерот за ископ на јаловина во РЕК Битола, да ја вратат идентичната сума која им ја платила државата, откако „Трансмет“ и „Силекс“ со лажни податоци формирале конзорциум за да бидат конкурентни на тендерот на државната ЕЛЕМ.

„Дадовме алтернативно барање во смисла доколку за Трансмет имаме блокирано имот а за Силекс Неметали утврдивме дека нема имот и од нив не би можело да се конфискува. Доколку нема можност да се конфискува од Силекс Неметали, конфискацијата да биде насочена кон основачот, а тоа е РИК Силекс од каде би можеле да се наплатат овие 17 милиони евра“, изјави Гаврил Бубевски, СЈО.

На обвинетите Сеад Кочан и Василие Авировиќ им се заканува затворска казна од минимум пет години. СЈО на денешните завршни зборови за овој случај одлучи трето обвинетиот Сафет Ватиќ да го гони за помагање, а од кривична одговорност ја иззема фирмата „Вато“ од село Батинци која беше дел од конзорциумот кој фиктивно го формирал бизнисменот Сеад Кочан.

„Како бранител на Сафет Ватиќ и правното лице „Вато“ од самиот почеток на постапката немаше дилема дека истите треба да се ослободат и дека обвинителите немаат случај против нив што делумно и се потврди со денешнотот ретерирање. Фактички теоријата на случајот која јас ја протежирам цело време е прифатена“, рече Ванчо Митев, Адвокат на Сафет Ватиќ.

Завршните зборови обвинетите ќе ги презентираат пред судот во понеделник и вторник. Инаку СЈО ги гони фирмите „Трансмет“ и „Силекс Неметали“ дека со лажни документи формирале конзорциум за да победат на тендерот за ископ на јаловина во РЕК Битола. Овој случај го обележа и бегството на првообвинетиот Сеад Кочан, кој избега од државата кога му беше одреден притвор. Се врати откако Врховниот суд му го укина одењето во Шутка.

Бојан Стојановски

Shpërndaj me