Советот на јавни обвинители утре ќе ја продолжи седницата на која ќе се расправа за статусот на обвинителите во СЈО. Со оглед на тоа што мандатот им завршува во истиот момент со разрешувањето на Катица Јанева, претседателот на Советот, Ацо Колевски, вели дека утре ќе биде констатиран престанок на нивниот мандат. Според него, најверојатно тие ќе се вратат во своите матични обвинителства од каде ги регрутираше нивната досегашна шефица Катица Јанева.

„Ќе мораме да ги примениме одредбите од законот за специјално обвинителство за престанок на нивната функција затоа што таму е предвидено дека нивниот мандат не може да го надмине мандатот на специјалниот јавен обвинител. Ние само тоа ќе го констатираме со одлука“-изјави Ацо Колевски, претседател на Совет на јавни обвинители.

По разрешувањето на Јанева, Колевски рече дека нема услови за назначување вршител на должноста специјален обвинител, што е спротивно на ставот на доскорешниот претседател на Советот, Коле Штерјев, дека има законска основа за именување ве-де шеф на СЈО.

„Став на Советот беше дека не постојат услови за поставување на вршител на должност во Специјалното јавно обвинителство имајќи го во предвид самиот закон за СЈО каде што стои дека предлог за именување на специјален јавен обвинител дава Собранието на Македонија. Ние очекуваме предлог од Собранието. Ако биде доставен, зашто овој закон е сѐ уште во важност, ние ќе постапиме по предлогот“-рече Ацо Колевски, претседател на Совет на јавни обвинители.

Советот на јавни обвинители ја разреши специјалната јавна обвинителка Катица Јанева на синоќешната вонредна седница ден пред истекот на нејзиниот мандат, поради несовесно, незаконско и нестручно работење. Јанева е осомничена во случајот „Рекет“ и е во притвор веќе 25 дена.

Loading...

Shpërndaj me

Loading...