Специјалното обвинителство побара судот да ги прогласи за виновни Никола Груевски и Ѓоко Поповски во случајот „Тенк“. Набавката на луксузниот мерцедес вреден 600 илјади евра, според СЈО, била желба на екс-премиерот платена со буџетски пари. Со меѓународна правна помош, СЈО утврдило дека блиндираниот мерцедес е нарачан уште пред МВР да го потпише договорот со фирмата дистрибутер од Македонија.

За првообвинетиот Ѓоко Поповски е предвидена потешка казна затвор како минимум пет години, значи најголемата граница е 15 години во времето кога важел Кривичниот законик во времето на извршување на делото. По однос на обвинетиот Никола Груевски е предвидена казна затвор од една до три години и очекуваме во тие рамки да се движи и судот“, изјави Гаврил Бубевски, СЈО.

Адвокатите на обвинетите побрааа судот да го отфрли обвинението против двајцата. Поранешниот помошник министер во МВР посочи дека постапката за набавка на мерцедесот била законска. Груевски го бранеа четворица адвокати. Тој во судница во завршниот збор беше прекинат од судијката Добрила Кацарска. Претходно го опомена поради политичките елементи во неговото обраќање и обвинувањата на сметка на судот дека во овој случај постапува по нарачка. Груевски со негодување ја прими пораката од судот. Повторно реагираше судијката Кацарска.

Не ми климајте со глава Груевски. Никогаш не сум реагирала на вашите лични прозивки. Не држите прес-конференција. Ова е судница“, реагираше Добрила Кацарска, судија.

Груевски го предупреди судот дека не може да донесе пресуда без докази.

Носењето пресуда само врз база на аудио-снимки е спротивно на Законот за судови и подложи на дисциплинска постапка“, рече Груевски.

Пресудата ќе биде соопштена идната среда. Инаку во „Тенк“ обвинета е и поранешната министерка во МВР Гордана Јанкуловска. За неа постапката судот ја одвои поради ризична бременост.

Бојан Стојановски

Shpërndaj me