Топлификација пред стечај. Еден од доверителите поднесе барање за стечај. Побарува да наплати еден милион евра од компанијата, со образложение дека подолг временски период не можел да ги земе овие пари. Судското рочиште на кое ќе се донесе одлука дали ќе се отвори стечај е закажано на 28 јуни годинава. Дотогаш, во предстечајната постапка која е од вчера, фирмата не смее да располага со имотот на должникот, а се забрануваат и исплати од сметка.

Топлификација е сопственик на топланите Исток, Запад и во Кисела Вода од кои најголемиот дел од граѓаните на Скопје добиваат парно греење. Овие производствени капацитети, во моментов се под наем од Балкан Енерџи Груп. Од БЕГ Снабдување добивме само краток одговор дали е сигурно снабдувањето од октомври годинава.

„Испораката на топлинска енергија ќе се одвива редовно и согласно планираните активности и во новата грејна сезона 2018/2019 година. Сите подготовки се во тек согласно редовниот оперативен план“, велат од БЕГ Снабдување

Според информациите, во следниов период барање за стечај ќе достават и останати доверители на кои Топлификација подолг период им должи пари. Инаку, БЕГ има лиценци за снабдување и за производство на топлинска енергија за следните 30 години. Оваа компанија ги затоплува домовите и деловните простории на околу 50 илјади корисници во Скопје.

Иле Петревски

Shpërndaj me