Слабата реализација на градежните активности, а особено во делот на нискоградбата се одрази во економските постигнувања, признава министерот за транспорт Горан Сугарески. Повторно за тоа вината ја префрла кај претходната власт која, како што вели, оставила катастрофален проект за изградба на автопатската делница Кичево – Охрид. Од граѓаните министерот бара да бидат спокојни. Вели – автопат ќе има.

“Интензивно во моментов се работи на осумте клучки кои што треба да бидат внесени во проектот и кои што треба да бидат изградени на овој автопат. Дополнителните четириесет километри алтернативни патишта кои треба да се градат за овој автопат да биде поврзан со населените места”, изјави Горан Сугарески, министер за транспорт и врски.

Стопираните капитални инвестиции кои за властите се оправдување за моменталните резултати на македонкста економија, академик Таки Фити оваа проблематика ја гледа и од друг агол. Тој за државната МИА вели – немаме доволно способност во администрацијата за менаџирање на капитални проекти.

“Потребни се добри физибилити студии и однапред да се предвидат низа работи во проектите кои можат да ги пролонгираат и поскапуваат како што се регулацијата на имотно-правните односи, еколошките проблеми и заштита на археолошките наоѓалишта покрај трасите што придонесува да не се реализираат со предвидената динамика”, посочи Таки Фити, член на МАНУ.

И денеска опозициската ВМРО-ДПМНЕ остро реагира на минимално остварениот економски раст на земјава во првите три месеци од годинава.

„Трагичен е фактот што расипничката и неспособна власт се гордее и смета дека постигнала огромен успех во сите области со растот на БДП од незначителни 0,1%. Тешка криза ù се заканува на Македонија со црното економско трио Заев, Анѓушев и Тевдовски кога сметаат дека нешто сработиле со срамниот раст на БДП”, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Од владеачката СДСМ пак велат, успешните економски политики дале резултат во сите дејности и ги отфрлаат како што велат – лажните обвинувања на опозицијата. Властите сепак остануваат на ставот дека на крајот на годинава ќе се оствари предвидениот раст на БДП од 3,2 проценти. Дел од експертите пак, предупредија дека земјава се наоѓа пред рецесија. Дополнително, економските мерки на владата засега велат дека не даваат резултати и мора владата да направи нова стратегија и посериозно да започне со работа. Крајот на ланската година заврши со нува економски раст, а првиот квартал со минимален раст на БДП од само 0,1 насто.

Иле Петревски

Shpërndaj me