Граѓаните на Скопје, Тетово, Кичево и Битола, доколку решат да го променат начинот на греење на домовите, ќе добијат 1.000 евра субвенција од државата. Овие пари ќе се даваат за промена на печките на дрва со инвертер клими. Вкупниот фонд е до четири милиони евра, а парите ќе ги обезбеди државната фирма А.Д. Електрани. Повеќе детали надлежните не открија, бидејќи рекоа дека се чека зелено светло од владата за почеток на оваа мерка.

„Ќе почнеме како пилот проект во четири градови, имајќи во предвид дека термоелектраните се во Битола и Кичево, но секако и главниот град Скопје, но и Тетово како еден од најзагадените градови во Северна Македонија“, рече  Крешник Бектеши, министер за економија.

Доколку мерката даде резултат, властите најавуваат проширување на бројот на градови, но и на средства за до година. Но, екологистите стравуваа дека овие мерки се задоцнети. Нивните очекувања се дека мерните станици за аеро загадувањето и оваа зима ќе ги уриваат негативните светски рекорди. Екоздруженијата бараат долгорочна државна стратегија, а не мерки кои веќе биле на сила и не дале резултат.

„Задоцнети се сите субвенции. Сега беа објавени за општините за проекти, самото тоа не знаеме колку од тие субвенции ќе бидат реализирани, еве и да се реализираат дали се само на одредено место или се раштркани во одредени реони и како тоа ќе влијае врз целото загадување. Според нас нема многу да влијае. Мислам загадувањето е толку големо, што треба системски да се пристапи на многу нивоа, не само на домаќинствата, него во сообраќајот, индустриските капацитети, отпадите“, рече Невена Георгивска-О2 Иницијатива.

Овие четири града засега се привилегирани, бидејќи се на листата најзагадени не само во Македонија туку и во светски рамки. Инаку, ваква мерка воведе и Град Скопје од каде ни соопштија дека 840 семејства побарале субвенции за инвертер клима откако ја замениле печката на дрва, а не се ниту приклучени на централниот систем на парно греење. Оваа мерка се финансира од буџетот на Град Скопје во износ од 50 проценти од вредноста на уредот, но не повеќе од 500 евра.

Иле Петревски

 

Loading...

Shpërndaj me

Loading...