Воведувањето на данок од 18 проценти кај граѓаните коишто имаат приходи над 90 илјади денари покажува дека годинава најбогатите домаќинства ќе имаат за 0,6% помал вкупен доход од прогресивното оданочување. Наместо очекуваните 25 милиони евра кои што Владата планира да ги собере од повисокиот данок, проекциите на Институтот „Фајнанс Тинк“, се дека нето ефектот во Буџетот би бил едвај 20 милиони евра.

„Економските ефекти од реформата се главно позитивни, но многу мали би рекол и незначителни, наспроти сите елементи во квалитетивната дебата произлегува дека реформата има потенцијал од висока политичка цена“, рече професорот Марјан Петрески.

Од ИТ секторот кои беа најголеми противници на даночната реформа велат дека прогресивниот данок опфатил 30 проценти од вработените во оваа индустрија. Алармираат дека си заминуваат квалификувани кадри.

„Не дека младите студенти од ФЕИТ, ФИНКИ не се вработуваат, туку сега си одат сениор девелоперите каде што државата инвестирала многу, ние како фирми се инвестирале многу. Е, нив ги фаќа прогресивниот данок. Таму треба да се интервенира во даночната политика“, рече Анета Пешева, Комора за информатички технологии (МАСИТ).

Експертите тврдат дека од воведувањето на прогресивниот данок не се случило ништо драматично, односно дека беспотребно се правеше многу врева во јавноста.

„Прогресивното оданочување не ù носи ништо на Македонија, едноставно според мене тоа е ирелевантно прашање. Мислам дека во земја како Македонија, а тоа е земја во развој или земја која би сакала да се развие, не ù треба прогресивно оданочување и не дека тоа ќе го закочи развојот…“, рече Горан Петрески, професор.

Министерот за финансии Драган Тевдовски и денеска повтори дека даночната реформа ги дала посакуваните резултати. Приходите во буџетот по основ на данок на доход се зголемиле за 17,4 проценти во првиот квартал. Сепак, тој не кажа колку пари во буџетот влегле само од оние кои се опфатени со поголемата даночна стапка.

Александра Спасевска

Loading...

Shpërndaj me

Loading...