Наместо да донесе инвестициски бум, како што се најавуваше, технолошко-индустрискатa развојна зона помеѓу Струга и Охрид зјае празна. Со исклучок на една единствена фабрика на германската компанија ОДВ електрик изградена пред неколку години, во зоната нема ниту еден друг капацитет. Од Јавното претпријатие за стопанисување со Технолошко-индустриските развојни зони за Алсат најавија дека разговараат со нов инвеститор.

„Во моментов работиме на реализација на голема инвестиција на компанија за која можеме да соопштиме дека е од Канада, но би било коректно да оставиме да го најави самиот инвеститор.“

Вакви најави за инвестиции имаше и во минатото. Засега сепак нема ништо од бомбастично најавуваната инвестиција во оваа зона на иселеникот во САД, Арбнор Речи, најавувана уште минатата година. Требаше да изгради фабрика за хигиенски производи. За оваа инвестиција од Технолошко-индустриските развојни зони ни рекоа дека сепак имаат најава оти ќе почне да се реализира.

Во една ваква ситуација, екс-министерот за финансии, Никола Поповски, коментира дека не е одржливо низ Македонија во многу општини да се проектираат вакви индустриски зони.

Не само Струга – Охрид, има многу општини каде нема ниту една фабрика. Значи, обично зони на ваква територија се прават на две три места и онаму каде има образована работна сила, сообраќајно-енергетски чворови погодни, за зоните да добијат некаква привилегија. Но, ако ги отворите насекаде тие не можат да дадат резултат – изјави Никола Поповски-екс министер за финансии.

Некои од локалните бизнисмени и понатаму се жалат дека државата не треба да ги дели домашните и странски инвеститори, туку да им дава исти можности.

На европскиот пазар нема странски и домашни инвеститори. Познава инвеститори кои имаат идеи и цели и кои можат да обезбедат средства и да инвестираат. И многу треба да се поработи на ажурирање на јавната и државната администрација…. Кај нас можеш да си чекаш со години на одредени дозволи и да треба да молиш некои луѓе кои добиваат плата за тоа што го работат. Ти треба да ги молиш и да им даваш посебни привилегии нив за да можат да ти завршат некоја работа – рече Мевмед Џемаилоски-бизнисмен од Струга.

Инаку, низ Македонија на хартија постојат дури 14 слободни економски зони, но од нив оперативни се само три до четири со најмногу инвеститори во Бунарџик кај Скопје и во Штип.

Мики Трајковски

Loading...

Shpërndaj me

Loading...